Папата Фрањо повика на прекин на „апсурдната и сурова“ војна во Украина

Папата Фрањо повика на прекин на „апсурдната и сурова“ војна во Украина

Како што се приближува првата годишнина (24 февруари 2022) од војната во Украина, папата Фрањо повторно повика на „конкретни напори за ставање крај на конфликтот, постигнување прекин на огнот и започнување на процесот на мировни преговори“.

Светиот Отец уште еднаш повика за мир во Украина, разрушена од војна.

За време на Генералната аудиенција во среда 22 февруари 2023 година во салата Павле VI. во Ватикан, Папата рече дека неговите мисли повторно се со украинскиот народ, кој скоро една година ги трпи последиците од војната.

Драги браќа и сестри, задутре, 24 февруари, ќе се наврши една година од инвазијата на Украина, рече Папата, една година од почетокот на оваа апсурдна и сурова војна, тажна годишнина.

Бројот на загинати, ранети, бегалци, изолирани, огромни разурнувања, економски и социјални последици говорат сами по себе, продолжи Светиот Отец.

Господ нека ги прости сите овие злосторства и сето ова насилство: Тој е Бог на мирот, посочи Светиот Отец.

Да останеме блиску до напатениот украински народ, кој сè уште страда, и да се запрашаме: дали е направено сè што е можно за да се запре војната?

Апелирам до оние кои се на власт да вложат конкретни напори за прекин на конфликтот, постигнување прекин на огнот и започнување на процес на мировни преговори. Било што да се изгради на урнатини, никогаш не може да биде вистинска победа, рече Римскиот бискуп.

Од почетокот на војната, Папата упати безброј апели за мир и за крај на насилството во Украина кое однесе неброени животи и рани мноштво луѓе.

Папата Фрањо отсекогаш ја изразува подготвеноста на Светиот Престол да помогне во мировните напори и искажува интерес за посета на двете земји.

Неколку пати испраќаше претставници во Украина во негово име, како и помош и средства за оние во потреба.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот