Ангел Господов: Бог не е „мирен“ ако се одалечиме од него, почнува да не бара

Ангел Господов: Бог не е „мирен“ ако се одалечиме од него, почнува да не бара

Во пладневното обраќање пред молитвата Ангел Господов, Светиот Отец се осврна на параболата за изгубената овца, парата и синот, нагласувајќи дека Господ не ги брои загубите и ризиците, Тој има срце на татко и мајка и страда кога ги нема Неговите сакани деца.

Сржта на Евангелието е следна: Бог е Отецот и тој доаѓа да нѐ бара секогаш кога ќе се изгубиме. Ова го истакна папата Фрањо во пладневното обраќање пред молитвата Ангел Господов во недела 11 септември 2022 година, осврнувајќи се на Евангелието за неделната Литургија, во кое се зборува за „три параболи за милосрдието“: за пастирот кој ја бара изгубената овца, за жената што ја наоѓа изгубената драхма и за таткото и блудниот син. Заеднички аспект на овие тројца протагонисти, истална Папата, е немирот поради отсуство.

„Сите тројца, впрочем, кога малку би седнале да пресметаат, би можеле потоа да бидат спокојни: пастирот нема една овца, но има уште деведесет и девет; жената нема една драхма, но има уште девет; а Таткото има и друг син, послушен, на кого треба да му се посвети“.

Но, во нивните срца, напротив, владее немир поради она без што останаа, истакна Папата.

„Оној кој љуби, се грижи за она што недостасува, чувствува носталгија за она што е отсутно, го бара изгубеното, го чека оној што го нема. Затоа што сака никој да не се изгуби“.

Бог страда кога ги нема неговите сакани деца

Господ е таков: не е „мирен“ ако се одалечиме од него, нагласи Папата.

„Ожалостен е, целиот трепери во срцето; и поаѓа да нѐ бара, додека пак не нѐ врати во раце. Господ не пресметува загуби и ризици, Тој има срце на татко и мајка и страда кога ги нема саканите деца. Да, Бог страда кога се оддалечуваме од него и, кога сме изгубени, тој го чека нашето враќање. Да се потсетиме на ова: Бог секогаш нè чека, Бог секогаш нè чека со раширени раце, без оглед на животната ситуација во која се наоѓаме изгубени“.

Отецот нѐ моли да бидеме внимателни кон децата што најмногу му недостасуваат

Папата потоа ги поттикна верниците да си постават прашања: дали во тоа го следиме Господа, односно дали имаме немир поради отсуството? Чувствуваме ли копнеж за оние што се отсутни, за оние што се оддалечиле од христијанскиот живот? Дали овој немир го носиме во нас или во нас нема немир и вознемиреност?

Не се работи само за „отвореност кон другите“, тоа е Евангелието. Пастирот од параболата не вели: „Веќе имам деведесет и девет овци, кој ме тера да одам да ја барам изгубената?“ Да губам време. Наместо тоа, тој отиде. Па, да размислиме за нашите односи: дали се молам за оние што не веруваат, за оние што се оддалечени, за оние што се огорчени? Дали ги привлекуваме оние кои се далеку ит оа на начин на кој тоа го прави Бог, со Божјиот стил кој е близина, сочувство и нежност? Отецот бара да бидеме внимателни кон децата што најмногу му недостасуваат. Ајде да размислиме за некои луѓе што ги познаваме, блиски до нас и кои можеби никогаш не слушнале некој да им каже: „Знаеш? Ти си му важен на Бог“.

„Да дозволиме овие прашања да предизвикаат немир во нас и да се молиме на Богородица, мајката која никогаш не се изморува да нѐ бара и да се грижи за своите деца“, заклучи папата Фрањо на крајот од својот говор.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот