Папата Фрањо: Работата е примарно добро за достоинството на човекот

Владеењето на правото и социјалната држава „не треба да се скратуваат“ и пред сè „основното право на работа“. Тоа го посочи папата Фрањо во својот говор пред учесниците на пленарното собрание на Папскиот совет „Правда и Мир“, кое се одржува во Ватикан. Папата истакна дека се потребни итни реформи во прераспределбата на богатството и гаранции за пристапот до образованието и здравството на најсиромашните, за да може на тој начин да се излекуваат неурамнотеженоста и неправдите.

Трудот, рече Папата во својот говор, цитирајќи ја Evangelii Gaudium, „не може да биде виден како една променлива која е зависна од финансиските и монетарните пазари, бидејќи тој е главно добро за достоинството, формирањето на семејството и спроведувањето на општото добро и мирот“.

„Овој начин на размислување, кој претендира да го зголеми профитот на сметка на ограничувањето на пазарот на трудот, не е компатибилен со економијата во служба на човекот и општото добро, но исто така и со инклузивната и споделена од сите демократија“.

Папата Фрањо се задржа и на глобализацијата, која иако го зголеми богатството на многу држави, ги „зголеми и разликите меѓу различните социјални групи, создавајќи нееднаквости и нова сиромаштија во земјите кои се сметаат за најбогати“:

„Таа нерамнотежа не само што не го почитува достоинството на оние кои ги искористуваат ниско платените работници, туку и ги уништува изворите на труд во оние области во кои тој е заштитен. Тука се раѓа проблемот за воспоставување на механизми за заштита на работничките права и животната средина, во присуство на една растечка консумистичка идеологија која е неодговорна кон градовите и создаденото“.

Во Evangelii gaudium, потсети Папата, „образованието, здравството и работата за сите се наведени како трите основни средства за социјалното вклучување на најсиромашните“:

„Затоа, правната и социјалната држава не треба да биде укината и особено основното право на работа. Образованието, работата и пристапот до сеопштата благосостојба се клучните елементи како за развојот и правилната распределба на добрата, така и за постигнување на социјална правда“.

Папата се задржа и на 2постојаната нерамнотежа помеѓу економските сектори, меѓу платите, меѓу комерцијалните и шпекулативни банки, меѓу институциите и глобалните проблеми“:

„Неопходно е да се одржува жива загриженоста за сиромашните и социјалната правда. Тоа бара од една страна длабоки реформи кои предвидуваат прераспределба на произведеното богатство и универзализација на слободните пазари во служба на семејствата, а од друга страна прераспределба на суверенитетот, како на национално, така на наднационално ниво“.

Светиот Отец повикувајќи се и на енцикликата „Caritas in veritate“ на Бенедикт xvi, ја опиша како „суштински документ за социјалната евангелицазија“:

„Основниот принцип на „Caritas in veritate“ е од исклучителна актуелност. Љубовта полна со вистина е основата врз која се гради оној мир кој денес е особено посакуван и потребен за доброто на сите. Оваа љубов се состои во надминувањето на опасниот фанатизмот, конфликтите за поседување на ресурсите, миграциите со библиски димензии, постојаните рани на гладот и сиромаштијата, трговијата со луѓе, неправдите, социјалните и економски нееднаквости, нерамномерноста во пристапот до општите добра“.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот