Нова ера на братското пријателство

Историјата ни го остави товарот на недоразбирањето и недовербата, но мачениците на нашите Цркви се „семе за единство“. На нив е можно да се изгради „новото време“ на братството – рече Папата Фрањо на средбата со Абун Матијас, патријарх на Етиопската православна тевахедо Црква. За време на аудиенцијата во Ватикан, Папата упати нов апел за прогонетите христијани во Африка и на Блискиот Исток, кои се жртви на „катастрофалното насилство“. Клучот за единство на Црквата лежи во „екуменизмот на мачениците“ – истакна папата Фрањо.

Црквата, чиј поглавар е Абун Матијас, е една од седумте источни православни Цркви кои се вклучени во Меѓународната мешана комисија за теолошки дијалог и  поддржува повеќе стари еврејски традиции, како обрезувањето, различни правила за хранењето и славењето на саботата. Односите меѓу Католичката и Етиопската тевахедо Црква се зајакнати уште од предходниот патријарх, Абун Паулус, кој се сретна со Иван Павле II и Бенедикт XVI.

Екуменизмот на мачениците

„Вашата црква беше маченичка уште од самиот почеток, а и денес сте сведоци на катастрофалното насилство против христијаните и другите малцинства на Блискиот Исток и во некои делови на Африка. Не можеме повторно да не бараме од оние кои ја држат политичката и економската судбина да промовираат мирен соживот втемелен на меѓусебно почитување и помирување, на меѓусебно простување и солидарност“ – рече Светиот Отец.

Во вербата сé до крајна жртва Папата гледа еден од најсветлите обединувачки елементи, кој ги надминува историските поделби. На еднаков начин на кој маченичката крв стана семе за новите христијани на ранохристијанската Црква, – рече Папата – денес крвта на толку маченици припаѓа на сите Цркви и станува семе за единство на христијаните. Мачениците и светците од сите црковни традиции се едно во Христос; нивните имиња се напишани во една и единствна мартирологија на Божјата Црква. Екуменизмот на мачениците нé повикува заедно да одиме по патот кон сé поцелосно заедништво.

Нова ера на братското пријателство

„Речиси сé ни е заедничко: само една вера, едно крштение, еден Господ и Спасител Исус Христос. Обединети сме по крштението, кое нас нé втемели во едно единствено Христово тело. Нé обединуваат многу заеднички фактори на нашите богати монашки традиции и литургиски пракси. Браќа и сестри сме во Христос. Како што повеќе пати е истакнато, она што нас нé обединува е многу поголемо од она што нас нé дели“ – истакна Папата.

Го наведе „големото настојување“ на Етиопија за „подобрување на животните услови на населението“ врз темелот на „праведна држава и почитување на улогата на жената“. Не треба да го заборавиме „проблемот со недостаток на вода, што има тешки социјални и економски последици“. Папа Фрањо исто така изрази надеж дека помеѓу Католичката и Етипоската тевахедо православна Црква ќе започне „нова ера на братско пријателство“.

Свесни сме дека историјата ни остави товар од болни недоразбирања и недоверба, за кои молиме прошка и Божјо излекување. Молиме едни за други, ставајќи се под заштита на мачениците и светците – рече Папата, завршувајќи: Нека Светиот Дух продолжи да нé просветлува и води кон согласност и мир, поддржувајќи ја во нас надежта во ден кога со Божја помош ќе бидеме обединети околу олтарот на Христовата жртва, во целосно Евхаристиско заедништво.

РВ/к.мк/Б.Р.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот