Од проповедта на Папата: Важна е конкретната љубов, а не козметичка и привидна вера

Дали нашиот христијански живот е „козметика, привид или тоа е христијански живот на вера, активен во љубовта?“ праша папата Фрањо на крајот на проповедта на светата Литургија на 14 октомври во домот Света Марта. Верата не се состои во рецитирањето на Символот на верата, рече Папата, туку бара одвојување од алчноста и похотите, за да можеме да се даруваме на другите, посебно ако се сиромашни.

Верата не треба да се покажува, туку мора да биде. Не треба да се завиткува во лицемерна љубезност, туку потребно и е срце способно за вистинска љубов. Папата Фрањо се повикува на денешното Евангелие (Лк 11, 37-41), во кое фарисејот се чуди што Учителот пред јадење не ги извршува прописите на ритуално миење, за да истакне дека Исус ја осудува сигурноста фокусирана на „исполнување на законите“:

„Исус ја осудува козметичката духовност, да се правиме добри, убави, но внатрешната вистина е нешто сосема поинаква! Исус ги осудува луѓето со фини постапки, со лоши навики, оние навики кои не се гледаат, но се прават во тајност. Но, привидот е исправен, тие луѓе со задоволство шетале по улиците покажувајќи се на сите дека молат, „се маскирале“ со слабост кога постеле… Зошто е Господ таков? Овде користи две придавки, меѓусебно поврзани: алчност и зло.“

„Варосани гробови“, ќе каже Исус во паралелниот текст од Евангелието по Матеј (Мт 23,27), насочувајќи на однесување кое остро го дефинира како „нечистотија, гниење.“ „Дадете го во милостина сѐ што имате во себе“, е неговиот предлог. „Милостината секогаш во библиската традиција, како во Стариот така и во Новиот Завет, е мерило за праведност.“ И Павле во денешното читање, се расправа со Галатјаните за истиот проблем, за нивното сфаќање на Законот (Гал 5, 18-25). Еднаков е и резулатот бидејќи, повторува папата Фрањо, „законот по себе не спасува.“

„Тоа што вреди е верата. Која вера? Верата активна преку љубовта. Истата работа Исус му ја зборува и на фарисејот Верата која не се сведува на рецитирање на Символот на верата: сите ние веруваме во Отецот, во Синот, во Светиот Дух, во вечниот живот… Сите веруваме! Но, таа вера е неподвижна, неефикасна. Она што вреди во Христос Исус се делата кои изникнуваат од верата или подобро кажано, вера која станува ефикасна во љубовта, се враќа во милостината. Милостината во најширока смисла кажано, се одвојува од диктатурата на парите, идолопоклонството на парите. Секоја похот нѐ одделува од Исус Христос.“

Папата Фрањо потсети на епизодата од животот на отец Арупе, генерален провинцијал на Исусовците во 60-те и 70-те години од минатиот век. Еден ден, една богата госпоѓа го повикува на одредено место за да му донира пари за мисијата во Јапонија, за која што отец Арупе се залагал. Примопредавањето на пликот се случило практично на вратата, пред новинари и фотографи. Отец Арупе раскажувал дека тоа му било „големо понижување“, но, ги примил парите за „сиромашните во Јапонија“. Кога го отворил пликот – внатре имало десет долари. Да се запрашаме, завршувајќи папата Фрањо, дали нашиот живот е „козметички живот, живот на привид, или тоа е христијански живот на верата активна во љубовта?“

„Исус нѐ советува: “Не разгласувај“ (Мт 6, 2) Вториот совет: Немој да го даваш тоа што ти е вишок. Ни зборува за она старица која дала сѐ што имала. Ја фали таа жена заради нејзината постапка. А го направила тоа малку сокривајќи се што не може да даде повеќе“, заврши Папата (Мк 12, 42-44).

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот