Наша должност е да донесуваме надеж и радост
Овие денови никако не можеше да ве заобиколи симпатичната видео снимка за радосната чесна сестра која за својот повик одлучила да проговори преку песна. Сестра Дијана Лончарек, Милосрдна сестра на светиот Крст е студент на втора година на Католичкиот богословски факултет на универзитетот во Загреб, а на нас ни откри како дошла до таа музичка идеја на малку поинаков начин да ја подели со нас приказната за својот живот, за раната загуба на саканата личност, што влијаело на нејзините ставови за животот и размислувањето за радоста на посветениот живот и „кризата на звања“ за која се почесто се говори.
За почеток кажи ни накратко нешто за себе.
Моето име е с. Дијана Лончарек, Милосрдна сестра на светиот Крст, а доаѓам од Хрватска, Загорје, поточно од парохијата Свети Крст Зачетрје. Детството и младоста го поминав во своето родно место, Горно Пачетини кое се наоѓа на тромеѓата помеѓу Крапина, Светиот Крст Зачретје и Крапински Топлица. Основно училиште завршив во Крапина, средно за физиотерапевтски техничар во Бедековчини. Пораснав во една топла семејна атмосфера, опкружена со љубов и внимание од мајка ми, татко ми, баба и дедо и постарата сестра и брат. Во семејството традиционално се занимавале со столарски занает, така што нашата куќа секогаш беше полна со луѓе, а јас уживав во таква атмосфера. Од мала бев приврзана со работниците, гостите, соседите. Сакав да ги забавувам со песна и со имитација на познати. Бев најсреќна кога предизвикував насмевка на нивните лица. Селски собирања, многу креативни игри, уживање во природа и восхитување на несфатливото беа секојдневно присутни во мојот живот. Но, безгрижното детство наеднаш го прекина смртта на татко ми кој ненадејно умре од мозочен удар, додека имав неполни единаесет години. Во тој период имаше уште настани кои влијае важно на моите ставови и размислувања за животот. Губењето на саканата личност во мене предизвика егзистенцијални прашања за смислата на животот и страдањата? Можеби прерано, но Бог знае зошто од мала ме подготвуваше.
Пред влегувањето во манастир си живеела како и секој млад човек, живот кој бил одбележан со излегувања и забави и разни дружења. Колку е тешко да се остави таков живот и дали некогаш жалиш?
Зборувам од перспектива на една 25 годишничка која одлучила да оди по гласот и желбата на своето срце со 19 години. До своите 19 години живеев исполнет живот како на една тинејџерка, додуша, не можам да кажам дека бил просечен затоа што за мене секогаш бил поинаков од другите и всушност тоа му даваше посебност и привлечност. Свесно ја живеев својата младост, ситуациите и настаните. Премала научив да ги загубам луѓето кои ги сакам, прерано се сретнав со смртта и бремето на животот, затоа сега можам со целото срце да воскликнам заедно со псалмистот: „Оние што сеат со солзи, ќе жнеат со голема радост.“ (Псалм 125,5) До своите 16 години секој ден се прашував: „Зошто? Зошто тоа го дозволуваш? Која е смислата на сето тоа?“, а потоа наеднаш беа замолчени сите мои „зошто?“ и настапи само: „Ти благодарам Боже!“ Сигурна сум дека мојот дијалог со Него дојде на едно друго ниво. Дојде до тоа ниво што сакав навистина да Му се подарам целата себе, без компромиси. И тоа беше тоа! Пласссс! Јас се фрлив во базентот на Божјата љубов! И тоа без „спасувачки елек“, а не знаев ниту да пливам… Овде продолжува приказната за она „Ти благодарам Боже“. Навистина, имав широк круг на пријатели, дури настапував и на некои фестивали на забавна музика, но во мене секогаш тлееше искрата на нешто неопишливо. Повикот сеуште не беше сосема изразен, но со метод на елиминација лесно дојдов до заклучок што бара Бог од мене. Јасно се сеќавам на моментите кога настапував пред публика и како тие воодушевено ми ракоплескаа. И тогаш помислив – да, ова веројатно некои го посакуваа… но тоа не е тоа. Тука не е моето место. А кога како девојка одев во црква чувствував – тука е моето место, овде припаѓам. Знаев дека со одењето во манастир не ги оставам своите пријатели, ги доверив на Христос кој рече: кој остави татко, мајка, браќа, сестри, ниви… заради мене, ќе прими стократно. Но и покрај сѐ, беше тешко да оставиш сѐ свое и да се впуштиш во нова авантура на живот со Бог.
Многумина денес говорат за „криза на звања“. Што, според твојот суд е главната причина за таа криза и како да се надмине?
Мислам дека не сум најкомпетентната личност која би можела да донесува некакви пресуди затоа што и самата сум млада и сеуште на почетокот на монашкиот живот. Но, во овие седум години во манастир согледав некои работи, па ќе бидам слободна да го поделам своето скромно мислење. Криза имало и ќе има. Таа е добра до таа мера што прочистува. Она што е загрижувачко е, што ние правиме, како сведоци на Воскреснатиот, за младите да се почувствуваат привлечени за нашиот начин на живот или си одат разочарани и уште повеќе ранети. Може ли денес за нас да се каже како за првите христијани: „Гледајте ги како се сакаат…?“
Стана „позната“ по снимката која кружи низ интернет, а на која сведочиш за својот повик на еден специфичен начин – имитирајќи луѓе од музичката сцена. Од каде идејата?
Како што веќе претходно спомнав, пеам и имитирам уште од мала, па одлучив да го искористам тој талент и да се обидам на еден нов, а сепак близок начин на нашите млади, да им ја раскажам приказната за повикот која имаше за цел да ги насмее, но исто така и да ги поттикне на размислување и евентуално да ги разбие стереотипите. Морам да признаам дека секогаш помалку се двоумам околу „имитирањето“ на поедини пеачи и нивните песни, но се сетив на Исусовите зборови: „Блудници и цариници ќе ве испреварат во Царството Божјо“ и „Не им треба лекар на здравите туку на болните“. Уште нешто ме вдахна – Исус ги сакал параболите за семето, па помислив – нека оваа наша музичка „пченка“ се искористи како семе, кој знае, можеби нешто и ќе никне. Наше е да сееме.
Како реагираа твоите сестри, а како реагираа другите?
Од првите денови во манастирот сестрите беа запознати со овој мој „начин“ и секогаш ме поддржуваа. Таквиот нивен пристап уште повеќе ме мотивираше и благодарна сум на Бог за сестрите кои го поттикнуваат развојот на нашите таленти. Младите секогаш реагираат позитивно, лесно се создаваат односи затоа што почнуваат да не доживуваат како да сме дел од нив, дека сме овде едни за други. Но и покрај сѐ, се чувствува нивната почит кон сестрите. Имаше такви кои кажаа дека долго не се насмеале така од срце, но и дека после тоа навистина почнале да се прашуваат за некои работи. Често ми доаѓа на памет мислата на света Тереза Авилска која вели: „Не се оди во манастир за да се побегне од светот, туку на тој свет да му го донесеме Бог.“ Денес, кога ни недостига насмевка, кога повеќе или помалку нѐ окупираат негативни информации, наша должност е да донесуваме на луѓето радост и надеж. Уште повеќе, и Грегор Велики во своето писмо од 601 година кое го испратил на пророците, говори: „Нека градат на претхристијанските религиозни обичаи, исполнувајќи ги со христијански дух и содржина.Треба на луѓето да им ги оставиш нивните безопасни радости. Затоа што ако на тој начин на луѓето им дозволиш надворешна радост, тие лесно ќе ја најдат радоста во своето срце.“
На спомнатата снимка се гледа твојата едноставност и радост кои ги живееш во својот повик. Мислиш ли дека недостига радоста кај другите?
Еден ден добив порака од сестрата која ме следеше во новицијатот, а гласи: „Ако постои нешто што на светот денес му треба, тоа се луѓе кои зрачат со радост од спасен живот.“ (Feullenbach) Силна и вистинска е ова порака. Различни сме по природа, по темперамент, по даровите, но ако ја нема радоста на живеењето на повикот, мислам дека навистина треба да се запрашаме…
Како монасите, монахињите и свештениците денес треба да ја сведочат радоста на своето звање?
Многу едноставно. Автентичен живот кој произлегува од односот со Христос.
Дали можеби е во план некој нов „настап“ со нови песни или можеби нов начин на сведочење?
Во секој случај, кога е во прашање вистинско заедништво, тогаш настануваат и идеите. Кој знае? Бог знае.
На крајот, што би им порачала на нашите млади, но и на оние кои се посветиле на Бог било во монаштво, било во свештенство?
Има една поттикнувачка приказна за царскиот гулаб, многу е кратка, а се вели: Човек станал царски премиер. Еднаш кога се шетал низ палатата, го видел царскиот сокол. Човекот никогаш порано немал видено таков голуб. Затоа земал ножици и ги потсекол канџите, крилјата и клунот на соколот. „Сега изгледаш како пристојна птица, “ рече. „Очигледно твојот чувар те занемарил.“ Мојата порака е: Бог секогаш создава оригинали. Немојте да ги кроите според своите мерила. Да ја откриваме и живееме сопствената оригиналност во Божјот план – преку крстот, тогаш радоста ќе биде само нуспојава.
Автор: Кристијан Тушек/Пасторал за млади/ м-р Д.И
http://www.youtube.com/watch?v=yAQt2gb-ISg