Евангелското читање за Месопусна недела (Матеј 25,31-46) ни зборува за последниот суд на свршетокот од времињата. И овој суд ќе биде конечен. Тогаш Господ ќе го подели својот народ на две, едни од десната страна, другите од левата, како што овчарот ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата.
Некои ќе бидат изненадени од неочекуваното спасение, а други од неочекуваната осуда. Некои нема да знаат дека со своите постапки му угодија на Бога, додека другите нема да знаат дека со своите дела го отфрлиле .
Во денешното Евангелие првите направија дела на милосрдието не за себе, туку за ближните, додека другите пропуштија да направат добро дело и беа сурови со постапките кон ближниот. И тука Христос го менува редоследот, доброто направено не за своја корист станува дело за спасение, а пропуштената можност да се направи добро дело на ближниот, станува дело за осуда. Оние од десната страна биле зачудени што нивното добро дело било угодно на Господ, а оние од левата страна се зачудени што нивното зло дело било зло и против Господ.
Постои можност да се изненадиме од последниот суд Христов. Сметајќи се дека припаѓаме кај оние од десната страна, да не се изненадиме да завршиме одлево. Затоа да внимаваме на нашите постапки и дела, гледаме дека Бог нема да нѐ праша што зло направивме, туку зошто пропуштивме да направиме добро дело? Кога ќе застанеме пред Христа во тој час да не прашуваме: Господи, кога Те видовме и не го направивме тоа?
Господ Исус Христос кој ќе дојде во својата слава заедно со сите свои ангели нека ни помогне преку неговата благодат да можеме да ги препознаеме бројните гладни, жедни, затворени, болни, необлечени. Нека ни ја даде благодатта на неочекуваното спасение. Нека ни даде милост да живееме и вршиме дела за кои на свршетокот на времињата ќе ни каже: Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот.