Не живее човек само од леб: Петок, 20 септември 2019

Не живее човек само од леб: Петок, 20 септември 2019

Марко 5,22-24;35-43;6,1

22.И ете, дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, па-дна пред нозете Негови 23. и Го молеше многу, говорејќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!” 24. И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа. 35. Додека Он уште зборуваше, дојдоа од кај началникот на синагогата и рекоа: „Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот?” 36. Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече: „Не бој се, а само верувај!” 37. И никому не му позволи да оди со Него, освен на Петра, на Јакова и на Иван, братот на Јакова. 38. Дојде во куќата на началникот на синагогата и виде смут, плачење и силно врискање. 39. И кога влезе, им рече: „Што сте се развикале и расплакале? Детето не е умрено, туку спие.” 40. А тие Му се потсмеваа. Он, пак, откако ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше девојчето. 41. И, кога ја фати раката на девојчето, рече: „Талита, куми!” – што значи: „Девојко, тебе ти велам, стани!” 42. И девојката одеднаш стана, и почна да оди, бидејќи имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу. 43. А Он строго им заповеда, никој да не разбере за тоа, и рече: „Дајте ѝ да јаде!” 1. Па излезе оттаму и дојде во Својот крај; а по Него одеа и учениците Негови.

Размислување за Евангелието

Денешното Евангелие ни зборува за Јаир, еден од началниците на синагогата. Но тој не само што бил началник на синагогата, туку пред сѐ бил татко и бил загрижен за својата ќерка која лежела на умирање. Само што ќе го види Исус веднаш паѓа на колена за да го помоли да појде во неговата куќа, да ги положи рацете на неговата ќерка која лежи на умирање за да оздрави и да биде жива.

Типична сцена за загрижен родител. Заради овој пристап кон Исус Јаир можел да има и последици по неговата служба, но во овој момент ништо не му е важно, најважно за него е да оздрави неговата ќерка и повторно да биде жива.

Однесувањето на Јаир е типично за родител, кога сме во некоја криза, проблем, болест, кога не гледаме некој друг излез Исус ни останува единствената надеж. И така во нашите потреби трчаме кон него преку нашите молитви, паѓаме пред неговите нозе и бараме од него решение за нашиот проблем.

Исус прифаќа да појде и да му помогне. Така Исус ја прифаќа и секоја наша упорна молитва, Исус сака и нам да ни помогне. Можеме ли само да си ја замислиме големата надеж која го исполнило срцето на загрижениот татко, кога Исус прифатил да појде во неговата куќа и да ги положи рацете врз неговата болна ќерка. Знаејќи ја итноста, Јаир би посакал што побрзу да стигнат.

Но се случува она што најмалку е посакувано. доаѓаат луѓе од кај Јаир кои соопштуваат дека неговата ќерка е веќе умрена. Веќе немало потреба да го мачат Учителот. Нивното размислување е дека Бог може да помогне додека сѐ уште постои надеж, но кога веќе ќе згазне животот, веќе сѐ е изгубено, повеќе нема никаква надеж. Тука веќе сѐ е завршено, нема потреба да го мачат Учителот.

Така и денес многу христијани мислат дека во многу случаи нивниот проблем е безнадежен и нема повеќе потреба да се повикува Господ, да му се упатуваат молитви. Многумина се надеваат на Бог до оној моментот кога нешто ќе умре. А после тоа сѐ е веќе доцна. Но не мислам само на човечка, телесна смрт, туку смрт на брак, на однос, соништа, планови, за сѐ она што мислиме дека не е можно да се поправи, да се промени да се обнови.

Преку ова Евангелие Исус сака да ни покаже поинаков пристап и затоа за нашите ситуации како и Јаир не охрабрува: Не бој се, а само верувај.

Не смееме да живееме како полумртви или мртви во нашата вера, кога Исус ни е на дофат. Треба да бидеме храбри како Јаир, да не се грижиме за световните последици заради тоа што пристапуваме пред Исус да го молиме, да бидеме подготвени на исмејување и цврсто да веруваме дека во присутноста Божја може да се поврати радоста. Да му дозволиме на Исус да нѐ фати и нас за рака и да нѐ разбуди, да не воскресне од нашето духовно мртвило. Тој единствено може да нѐ подигне од нашата духовна немоќ. И да примаме храна која ни ја дава Црквата: Причест, молитва, исповед…

На Исус му се потсмеваа, кога вели дека има надеж, дека не е мртва… Така и многумина христијани денес се исмејувани кога своите надежи ги полагаат во рацете Исусови, посебно дека Исус може мртвото тело да го воскресне, да му даде живот вечен.

Преку ова Евангелие Исус ни покажува дека има власт не само над демоните, болестите, туку и над смртта, Тој е Господар на животот и победник над смртта. На мојот живот и победник на мојата смрт.

о. Гоце Костов

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот