Што значи „мажот да е глава на жената″?

Што значи „мажот да е глава на жената″?

Еден млад пар кој се подготвувал за брак бил кај својот свештеник на последна средба, пред нивната свадба. Свештеникот рекол дека сè што им кажал претходно можело да се сумира во библискиот закон „И двајцата ќе станат едно тело”. На тоа, нервозниот младоженецот рекол:

“Да, но кое тело?”

Свештеникот најверојатно ќе добиел сличен скептичен, дури и непријателски одговор од невестата, доколку тој и зборувал за мажот како „глава″ на семејството. Дури и во богослужбата се обидуваме да го избегнеме ова прашање. Алтернативно читање за празникот на Светото семејство е Колосјаните 3,12-21. Рубриките дозволуваат да се испуштат последните четири стиха од тој пасус, но тие четири стихови се единствени кои се занимаваат конкретно со семејниот живот.

Зошто на празникот на Светото семејство некој би сакал да ги испушти стиховите што ја откриваат Божјата волја за живот во семејството? Бидејќи премногу свештеници сметаат дека стихот 18 е контроверзен: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како што прилега во името на Господа!”

Додека зборуваме за потенцијално контроверзни пасуси во Писмото, ајде да додадеме уште еден кој е широко игнориран денес: Ефесјаните 5,21-25. Овој, впрочем, е најопсежен пасус за брачната врска во целото Писмо. Земете ги трите стихови: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото. Но, како што Црквата Му се покорува на Христа, така и жените да им се покоруваат на своите мажи во сè”(Ефесјаните 5,22-24).

Дали ова звучи како жената да е сведена на граѓанин од втор ред во семејството? Така некои луѓе го толкуваат ова. Запомните: Ова е откровение на Божјата волја за христијанските брачни двојки. Подобро да го сфатите ова сериозно. Но, пред да можеме да го сториме тоа, треба правилно да го разбереме.

Што точно значи „Глава”?

Да почнеме со библиската заповед дека мажот треба да биде „глава” на неговата сопруга. Грчкиот збор што го користи светиот писател е “kephale”, што буквално значи „глава”. Кога го користиме зборот глава фигуративно, ние мислиме на „лидер” или „шеф” или „директор”: оној кој има авторитет во дадена ситуација или структура. Со други зборови, главата е шеф.

Постојат седум пасуси во посланијата на Павле во кои kephale се користи фигуративно. Пет од нив се однесуваат на Христос како „глава” на Црквата (Ефесјаните 1,22-23; 4,15, Колосјаните 1,18; 2,9-10. 19). Тука kephale фигуративно значи „возвишен зачнувач и завршувач”, „извор или почеток или крај”, или „оној кој носи полнота”. Постојат и други грчки зборови што значат „шеф” во нашата смисла на терминот. Никој од нив не се користи за да се опише Христовиот однос со Црквата – само kephale се користи.

Два пасуса зборуваат за мажот како kephale, „глава” на жената: 1 Коринтјаните 11, 3 и Ефесјаните 5,23. Овде зборот kephale го носи истото значење, во слична смисла, како во оние пасуси во кои се применува на Христос и Црквата. Павле често ја користел метафората на главата на телото за да го нагласи единството на Христос и неговата Црква. Во природата, се разбира, главата и телото се зависни едно од друго за нивна полнота.

Види во Ефесјаните 5, 25-27 што Христос како глава на Црквата прави за неа: „Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа за да ја освети… да ја претстави пред Себе како славна Црква, …да биде света и непорочна.” Христос се предаде себе си за Црквата, за да ѝ овозможи да стане сè што Бог ја создал да биде.

Сега погледнете што значи сопругот да биде kephale за неговата сопруга: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што Христос ја сакаше црквата и се предаде за неа” (нагласок е додаден). Нема многу мажи кои се повикани буквално да умрат за своите сопруги, но сите мажи се повикани од Бога пожртвувано да им служат на нивните жени.

Мажот глава на жената

Од Светото Писмо јасно е дека тоа што сопругот е глава на неговата сопруга, не значи дека тој треба да и биде „шеф” или дека ќе доминира врз неговата сопруга. Да се биде „глава” значи да и дадат на својата жена чувствително, интелигентно лидерство. Но, забелешка: Тоа лидерство треба да произлегува од љубовта и советувањето меѓу брачни другари. Како глава, мажот обезбедува и се грижи за неговата сопруга (и, се разбира, децата). Тој ја носи примарна одговорност за семејството.

Според Писмото, постои само еден начин на кој еден маж навистина може да и служи на жената како глава: „Главата на секој човек е Христос, главата на една жена е нејзиниот сопруг, а главата на Христос е Бог “(1 Коринтјаните 11,3). За да биде навистина глава на неговото семејство, сопругот мора самиот да се предаде на Исус Христос. Неговата служба како глава, пред сè, се состои во неговата одговорност да биде посредник на љубовта на Исус Христос на неговата сопруга и децата.

Еднаквост меѓу брачните другари

Но, ако сопругот е глава во бракот, како може да има вистинска еднаквост меѓу брачни другари?

За христијаните: „Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса.” (Галатјаните 3, 28). Со други зборови, човечките разлики не значат ништо. А сепак, мажите се повикани да бидат глави на нивните жени. Како е ова возможно?

Да почнеме со неопходната разлика помеѓу нешто што го нарекуваме статус и нешто што нарекуваме подреденост. Статусот е она што сме вечно во очите на Бога. Статус е она што го има Павле на ум кога ги отфрла сите човечки разлики. Тоа што на жените им е кажано да бидат подредени на нивните сопрузи нема никаква врска со нивниот статус.

Подреденоста, од друга страна, се однесува на улогата или функцијата што Бог нè повикува да ги исполниме. Две лицата можат да бидат апсолутно еднакви во статусот (она што суштински се како лица) додека едно лице игра улога на подреденост на другиот. Во Писмото, статусот и подреденоста се две одделни прашања. Библијата не прави никаква поврзаност меѓу нив.

Човечкото семејство моделирано според божественото семејство

Ние сме создадени според образот и подобието Божјо. Според тоа, човечкото семејство треба да биде моделирано по божественото семејство, Блажената Троица. Размислете за Троица за момент. Бог Отец ни откри дека Божеството е еден Бог во три Лица, од кои сите се совршено, вечно еднакви во божественоста. Бог Синот е вечно еднаков на Отецот: „Бог од Бога, Светлина од Светлината, вистински Бог од Бог вистински”, како што велиме во Никејското верување. Сепак, Синот е исто така подреден на Отецот. Според 1 Коринтјаните 15,28, „Кога сите работи ќе му се подложни на него [Христос], тогаш и самиот Син ќе му биде подложен на [Отецот] кој ги стави сите работите под него, за да Бог може да биде сè за секого “.

Така и Светиот Дух: Тој е целосно Бог, како Отецот и Синот, и вечно е еднаков со Отецот и Синот. Сепак, во драмата на нашето спасение, Светиот Дух е исто така подреден на Синот. Така, Синот и Светиот Дух истовремено се еднакви со Отецот и подложни на Отецот. Сепак, нивната подреденост во однос на Отецот – односно улогата што ја играат во однос на Отецот – на никаков начин не го намалува значењето на нивниот статус на еднаквост со Отецот.

Слично на тоа, во христијанскиот брак, улогата на жената на потчинетост во никој случај не го намалува значењето на нејзиниот статус на апсолутна, од Бога дадена еднаквост со нејзиниот сопруг.

Мажи и жени „подложни бидете едни на други”

Сега да се вратиме на Ефесјаните 5,22 и да прочитаме уште еден изненадувачки факт: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа.” Читањето на овој стих предизвикува некои луѓе да претераат и да го наречат свети Павле женомрзец. Оние кои вака би реагирале немаат поим за што Павле всушност зборува. Покрај тоа, тие го вадат стихот целосно надвор од контекстот.

Првата реченица на клучниот пасус во Новиот Завет за односот кој Бог има намера да постои меѓу сопрузите и сопругите е оваа: Мажите и жените „треба да бидат подложни едни на други”. Сопругата се „подложува” на сопругот со прифаќање на неговата улога како глава. Таа соработува со него, за тој да ја исполни таа улога на службата за неа и за децата. Мажот, од друга страна, се подложува себеси на неговата сопруга со прифаќање – и прави сè што може да ги исполни – нејзините потреби за љубов и грижа, обезбедување и ред, ден за ден, сѐ додека смртта не ги раздели. Божјата намера е да постои взаемно потчинување на сопрузите и сопругите.

Еве еден чуден пример за тоа како функционира ова. Жената му вели на нејзиниот сопруг: „Драги, се покорувам на твојата служба на глава на семејството. Сега, те молам, подложете се на мојата потреба да го изнесеш ѓубрето и да ја смениш оваа валкана пелена”.

Природната супериорност на сопругата

Последна поента: Зошто мажот, а не жената, е повикан да биде глава во семејството?

Една очигледна причина е тоа што додека жената се грижи за децата и го презема водството во негата за нив, мажот има повеќе слобода да ја пополни улогата на глава. Друга причина е тоа што, во минатото барем, поголемата физичка сила на мажот подобро го квалификувал за служба како глава на неговата сопруга и семејство.

Но, има подлабока причина. Двојката може да избере да го отфрли целиот концепт на поглаварство на сопругот. Тие едноставно можат да потврдат – како што многу парови денес потврдуваат – дека „бидејќи сме и двајцата личности, ние сме еднакви – и еднакви сме во нашиот брак”. Но, вистината е дека на природно, човечко ниво, она што го велат е погрешно. На природно ниво мажот и жената не се вистински „еднакви”. Во секоја дадена култура, во минатото или сегашноста, жената може или не може да има еднакви граѓански права со нејзиниот сопруг. Но, во самиот брак, како жена и мајка, жената ја исполнува улогата што е повеќе централна – повеќе важна за духовниот и емоционалниот живот на семејството – од улогата на сопругот. Неговата улога е многу важна, се разбира, но онаа на жената е многу поважна.

Така, на природно ниво, постои неизбежна, вродена нееднаквост меѓу мажот и жената во бракот. (Запомни сега, веќе забележавме дека во очите на Бог постои совршена еднаквост меѓу брачните другари.) Ако брачните другари инсистираат на нивната природна еднаквост, тие не можат вистински да учествуваат во брачната комплементарност, на која папата Иван Павле Втори толку често нѐ потсетува, која е Божјиот план за брачна врска. Само во вистинска комплементарност, надополнување, мажот и жената можат да постигнат вистинско единство.

Божјиот план за христијанскиот брачен однос

Тоа е факт. Сега дозволете ми да го изразам моето мислење за водството и природната нееднаквост во бракот. Ова мислење не е конкретно учење на Католичката црква, но е во целосна хармонија со она што Црквата го учи за бракот:

Бог му го доделува водството на сопругот со цел да го подигне, така да се каже, на позиција на целосна еднаквост со неговата сопруга на природно, човечко ниво. Жената е повикана од Бога да учествува во доделувањето на водство на нејзиниот сопруг. Таа го прави тоа така што љубезно се согласува нејзиниот сопруг да ја исполнува таа улога. Таа го прави тоа така што му помага на секој можен начин да ја извршува својата служба на водство.

Потоа, кога тие се навистина еднакви на природно ниво, тие стануваат способни за таа комплементарност што им овозможува да станат едно, на најдлабоко ниво.

Ова, во најширока смисла, е Божјиот откриен план за христијанската брачна врска. Нека им дари на сите личности во брак милост да го прифатат и исполнуваат овој план целосно и постојано.

Отец Реј Риланд/к.мк

Категорија: Вера, Семејство

За авторот