Свети Иван Крстител

Свети Иван Крстител

Свети Иван Крстител, „гласот во пустината“ кој го најави доаѓањето на Јагнето Божјо.

Не може да се зборува за Исус без да се спомене Иван Крстител. Тие се две личности кои се слични и една со друга се комплетираат: Крстителот го препознал во Христос долгоочекуваниот Месија пророкуван во Стариот Завет, на начин што секогаш го проповедувал доаѓањето на Јагнето Божјо кое ќе не ослободи од злото и од гревот.

Всушност, Свети Иван Крстител е светец од „Стариот Завет“ кој ни помага да ја разбереме личноста на Исус: неговото проповедување го навести неминовното раѓање на Божјиот Син и потребата од очистување за да се подготвиме за Спасението. Повлекувајќи се во пустината, живеејќи во сиромаштија и во молитва, им проповедуваше на народите и ги крштеваше во реката Јордан.

Тоа бил познат обред кај Евреите, особено ако бил извршуван со обредно очистување: новоста била во суштината на обредот, чин на преобраќање кон верата која ја навестувал Крстителот. Оние кои се крштевале се подготвувале за да го прифатат Христос. „Иван носел облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и јадеше скакулци и див мед. И проповедаше велејќи: «По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. Јас ве крстив со вода, но Он ќе ве крсти со Дух Свети» (Мк 1, 6-8)“.

Свети Иван означува пресвртница во историјата на Израилот: го предупредува народот дека Месијата е близу и ги повикува евреите да го прифатат кога ќе се објави. Исус потполно е свесен за важноста која Крстителот ја има за неговиот живот, и всушност затоа Тој оди на Јордан за да го добие од неговите раце крштението како гест на Неговото препознавање: светецот го крштева и им навестува на неговите следбеници дека Тој е очекуваниот Месија, Јагнето кое ќе се жртвува за да нѐ спаси од гревот.

Но тие изгледа не ги прифатиле неговите зборови и отишле кај нивниот учител за да кажат дека Исус крштева „нелигитимно“. Тогаш настана расправија помеѓу учениците Иванови и еден Јудеец околу очистувањето. Затоа отишле кај Иван и му рекле: „Учителе, Оној што беше со тебе отаде Јордан, и за Кого ти сведочеше, ете, Он крштава и сите одат при Него“. Иван одговорил: „Не може човек ништо да прими, ако не му е дадено од небото. Вие сами сте мои сведоци тоа дека реков: Јас не сум Христос, но сум испратен пред Него. Оној што има невеста, младоженец е; а пријателот на младоженецот, кој стои и слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа, пак, моја радост се исполни.“ (Ив 3, 25-30).

Личноста на Иван Крстител е сумирана во овие два глагола, „расте“ и „се намалува“: На Иван од Бога му била доверена задачата да го подготви претстојното доаѓање на Месијата, ги преобратувал срцата и проповедувал. Исус се објавил на народот и Тој е оној кој го довршува делото на преобраќање, „крштевајќи со Светиот Дух“.

Од евангелијата знаеме дека врската помеѓу Иван Крстител и Исус опстојува исто така и по настанот на реката Јордан. Не е една фигура која веднаш останала во сенка, туку пополека. Во Евангелието според Матеј некои ученици на Крстителот биле пратени за да ја констатираат веродостојноста на Исусовите зборови и дела. Исто така и Исус ги праќа своите апостоли да го известат Иван за тоа што тој направил: чуда, воскреснувања. Тоа се докази за неговото божество и за фактот дека Тој е вистинскиот Месија.

Евангелијата ни зборуваат и за неговото мачеништво: откако го критикувал несоодветното однесување на царот Ирод Антипа кој живеел со својата снаа Иродијада, бил затворен и, по желба на ќерката (поттикната од Иродијада), бил обезглавен. Обвинението било затоа што го критикувал неморалното и незаконско заедништво помеѓу нејзината мајка и нејзиниот чичко Ирод.

Зошто се слави како „Светец“? Иван сигурно бил маченик заради омраза на сопствената вера, кој без многу нијанси ја прогласил неразделивоста на бракот. (…)

Алфредо Инколињо/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот