КРСТНИОТ ПАТ НА НАШАТА ЦРКВА: Црквата е ходочасничка
Со слегувањето на Светиот Дух започна евангелизацијата – навестувањето на Радосната вест на спасението. Првата заедница на верници Христос по Светиот Дух ја дарува со милосни дарови и го одредува нејзиното послание на кој начин ќе го навестуваат Царството и ќе го вршат Неговото спасоносно дело низ историјата. Првиот дар е дарот на навестување. Господ ги дарува со Духот Свети сите ученици за со силата на неговото слово да можат да ги навестуваат Божествените таинства оти ќе им се даде што треба да говорат во оној час. Силата на навестувањето не е во човековата мудрост, за што често повторува апостол Павле, туку е во силата на Духот со кој се „допира“ човечката душа. За многумина тоа навестување е неприфатливо како она на Павле кога на ареопагот доживеа неуспех зашто силата на словото не најде плодна почва. Духот не го приготви горделивото срце на слушателите за да ја прифатат новоста на Евангелието. Зашто навестувањето се случува преку човечките зборови, а без Божја крепост и сила, постои трајна опасност словото да биде криво толкувано.
И Исусовата служба на Навестител наишла на огромно неразбирање зашто исправени биле пречките на предрасуда и криво сфаќање на понуденото слово па затоа словото паднало на трње и камен на патот и само триесет проценти на плодна почва. Исусовите ученици биле предупредени дека ученикот не е над Учителот, па затоа и самите понекаде требале да истресат прашина од своите нозе и да појдат таму каде што се прифаќа Словото. Улогата на навестител не е никогаш самоповикана, туку секогаш е пратена. Никој не може сам да се повика ако во заедницата Бог не го повика и надари со служба на навестител. Значи, во ходочасничкиот пат на Црквата секогаш ќе има повикани и пратени за во име Божјо да го навестуваат Словото. Така од самите почетоци до денес во Црквата трае навестителската служба како особен дар на Светиот Дух.
Исус со дарот на Светиот Дух ја дарувал својата Црква со дарот на таинството спасение. Во Словото и знакот (литургијата) се она што е изразено како дело на спасението ќе остане постојано во Црквата за секој народ и секој поединец да може да биде спасен. Литургијата е јавен чин во Црквата преку која се открива најголемото Таинство на Спасението и единствено загарантирано место на кое делува Бог ако со вера го правиме она што Тој го втемели. Литургискиот живот на христијанската заедница секогаш е свето случување неповторливо и единствено за оние кои со вера ја вршат службата на Знакот и Словото. Јасно дека преку историјата формата на литургиското чествување ќе прими разни елементи од едноставното синагогско собирање до најсјајно литургиско славење во разни облици на литургијата.
Третиот дар за кој треба да размислиме кога зборуваме за Црквата е градбата на заедништво – општество (κοινωνια). Црквата е основана по волјата Божја на слика на Пресветото Тројство. Оттука не е случајно дека Исус на суштинскиот тестаментарен говор на последната вечера моли: да бидат едно како што си ти Оче во мене и јас во тебе и светот да поверува дека ти ме прати (Ив 17). Основа за другите да поверуваат не е само навестувањето, туку и Знакот токму заедништвото на христијаните. Делата Апостолски спомнуваат дека биле едно срце и една душа (Дела 2). Коинониа не е вештачка творба на договорено заедништво – заедница, туку исклучиво дело на Светиот Дух. Единството на верниците не е само надворешното разбирање туку е во заедништво на единство кое го поврзува Светиот Дух. Секоја поделба внатре во Пресветото Тројство е неможна па тогаш во таа вистина и секоја поделба меѓу христијаните би требало да биде невозможна. Затоа исповедаме дека Црквата се уште не е довршена и дека ќе биде довршена дури во славата на второто Христово доаѓање. Но тоа не ја ослободува Црквата да смее да го напушти заедништвото како знак во кој луѓето ќе препознаат дека Христос е единствениот Спасител на светот.
Светиот Дух ја дарува Црквата и со дарот на диакониа – служење. Исус вели – не дојдов да ми служат туку да служам и животот свој да го положам за мнозина (Мт 20,28; Мк 10,45; Ив 10,17). Никој нема поголема љубов од оваа – животот свој да го положи за пријателите (Ив 15,13). Исусовото служење е единствено космичко случување во кое Бог станува човек за човекот да ја наследи Божествената природа. Црквата е надарена со тој дар на служење токму поради тоа на луѓето да им го сведочи тоа Божествено дело на љубовта. Единствениот знак по кој христијаните се препознаваат би требало да биде знакот на љубовта. Црквата не е пратена во светот за да господари со светот, туку понизно служејќи ја навестува вистината и го поседува спасението.
Се она што го рековме конечно има свој врв во чудесниот дар на сведочењето (testimonium=martyrium). Вистинитоста на својата љубов Бог не ја манифестира само во навестувањето и делата, туку на крајот најсовршено во жртвата на својот Син распнат на Крстот. Исус вели – мене ме прогонуваа и вас ќе ве прогонуваат (Ив 15). Благословени се прогонуваните поради тоа што се справедливи, зашто ним им припаѓа Небесното Царство, вели Исус (Мт 5). Значи, Црквата по својата природа е трајна и распната љубов. Веруваме во една, света, католичка, апостолска и маченичка Црква. Преку целата своја историја – одејќи по оваа земја – Црквата ќе го навестува Словото во згодно и незгодно време. Таа ќе го слави Господ во светите таинства, таа ќе му служи на човештвото со вистината, правдата и љубовта и така поткрепена во единство со Господ Бог ќе биде секогаш подготвена за вистината и праведноста, љубовта и мирот да биде распната на крстот. (продолжува)