Крстен сум – Христов сум!
Што за нас денес значи крштението? Дали тоа е само некој обред кој мора да се изврши од традиционални причини и заради фактот на нашата историска поврзаност со Католичката црква? Не ретко се слуша како некој сакал да се крсти „на брзина“. Важно му е да ја „изврши“ оваа света Тајна затоа што е избран за кум на крштението. Но, може ли светите Тајни да се извршуваат или тие носат една непроценлива духовна сила за нашиот живот?
Крштението како ново раѓање
Да се вратиме накратко на почетоците на црквата каде што на Крштението му претходела повеќегодишна подготовка. Преку неа крстените се воведувани во тајната на христијанскиот живот. Тоа било време каде што оние кои се подготвувале се воодушевувале за животот на Исус Христос и со Исус Христос. Тие знаеле дека во Крштението се случува прекин со досегашниот живот. Со Крштението започнува нова биографија. Сето она порано беше бесмислено и празно, празна илузија и привиден живот. Во Крштението се напушта стариот идентитет за во Христос да се најде нов идентитет.
Животот на крајот на антиката бил обележан со повикот „panem et circenses – леб и игра“. Тоа било декадентен свет. Се избубила смислата за живот. Сè се вртело единствено околу љубопитноста и сензацијата, околу задоволството и забавата. Крштението значело прекин со таквиот празен животен став. Симболиката на овој прекин се покажувала во крштелното славење кога оние кои се крштавале слегувале во крстниот извор и три пати се потопувале во водата. Се откажувале од злото и бесмисленоста на безбожниот живот и одлучувале да умрат за овој свет. Тие крштението го искусиле како ново раѓање. Во крстот добивале еден нов живот, плоден и креативен.
Секој од нас живее во страв дека силите можат да му пресушат, дека повеќе нема да има нови идеи, дека ќе стане досаден и празен. Крштението ни ветува дека изворот во нас е неисцрплив затоа што е божествен. Затоа да ги повториме денес повеќе пати во себе зборовите: Крстен сум, а тоа значи Христов сум.
Пасторал на млади/к.мк