Кардинал Паролин: Мора да ги заштитиме децата од насилствата

Кардинал Паролин: Мора да ги заштитиме децата од насилствата

За време на неговата посета на светилиштето Марија Горети во Нетуно, недалеку од Рим, државниот секретар на Светиот Престол го искористи споменот на таа мала маченичка да упати апел преку радио и телевизиската станица Канале 81 Лацио да се спасат малолетниците од трагедиите на војната и миграцијата. Токму во однос на феноменот на миграцијата, кардиналот ја повика меѓународната заедница да преземе акција: „Ако се соочиме како за заеднички проблем, ќе имаме повеќе можности да најдеме ефективни решенија“.

Кардиналот ги спомна сите украински деца кои беа депортирани во Русија и за чие враќање Светиот Престол активно посредува; како и оние кои ги губат животите на драматични патувања со бродови преку Средоземното Море за што Светиот Престол бара заедничка посветеност на меѓународната заедница. Кардиналот Пјетро Паролин, државен секретар, го посети во Нетуно светилиштето Марија Горети, светата девојка чиј литургиски спомен се празнува на 6 јули. И токму тој настан на таа мала маченичка, жртва на убиство по обид за силување, која Пиј XII. во 1950 година ја канонизира, го поттикна кардиналот Паролин уште еднаш да апелира малолетниците да бидат поштедени од сите форми на насилство – како што самиот рече во интервју за радио-телевизиската станица Канале 81 Лацио.

Секако, настанот со Света Марија Горета е силен повик децата да се ослободат од секаков вид на злоупотреба, секаков вид насилство, да им се обезбеди нормален живот и развој – рече кардиналот. Овој празник е навистина повик да се направи повеќе во тој правец. Исто така, бидејќи денешните деца се иднината на утрешниот ден, важно е тие да растат во здрава средина која ја фаворизира нивната личност во секоја смисла.

Украинските деца

Кардиналот не може да ги заборави украинските деца кои се жртви на руската агресија повеќе од шеснаесет месеци. Навистина се во трагична ситуација – истакна кардинал Паролин. Осврнувајќи се на прашањето за депортацијата на околу 19.000 украински малолетници во Русија, државниот секретар повтори, како што веќе направи во други прилики, дека Светиот Престол, што се однесува до ова, многу активно се ангажира за враќање на децата во нивните семејства, нивните родители и земјата од која доаѓаат. Токму ова беше директното барање за помош на украинскиот претседател Володимир Зеленски до Папата, за време на аудиенцијата во мај.

Мисијата на кардинал Зупи

Оваа тема беше централна и за време на неодамнешната мисија во Москва, на крајот на јуни, на кардиналот Матео Зупи, претседателот на Италијанската бискупска конференција, кого Папата го испрати во Украина и Русија со цел да ги намали тензиите во конфликтот. На вториот ден од престојот во руската престолнина, кардиналот се сретна и со Марија Лвова-Белова, комесар за правата на децата во Русија.

Мисијата на кардиналот Зупи – истакна државниот секретар – беше доста фокусирана на таа точка со некои позитивни знаци. Од руска страна е покажана одредена отвореност, одредено внимание – истакна кардиналот и додаде: Се надеваме дека ќе се воспостават механизми кои ќе овозможат тој пат да се реализира, примени и продолжи.

Миграција – потреба за ангажирање на меѓународната заедница

Кардиналот ја изрази истата загриженост за сите деца погодени од феноменот на миграцијата. Тие се првите жртви кои се најпогодени од оваа огромна трагедија – истакна кардинал Паролин. Посебно повика да се потсетиме на сите деца кои загинаа поминувајќи го Средоземното Море за да најдат мир таму каде што има конфликти и војни, да најдат развој и можност за достоинствен живот наспроти, условите на неразвиеност и голема беда. И тука државниот секретар на Папата ја истакна посветеноста на меѓународната заедница заеднички да го презема на себе овој проблем. Заедно – истакна тој – тоа е она што го бараме со оглед на последните настани што ги видовме во Европската унија, односно тоа да биде заеднички проблем. Затоа што ако се соочиме со него како заеднички проблем, ќе имаме повеќе можности да најдеме валидни и ефективни решенија.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот