Папата Лав XIV во ноември ќе патува во Уругвај, а можно е да посети уште две земји

Папата Лав XIV во ноември ќе патува во Уругвај, а можно е да посети уште две земји

Папата Лав XIV во ноември ќе го посети Уругвај. Ова во вторник, 14 јули 2026 година, на прес-конференција го потврди надбискупот на Монтевидео, кардинал Даниел Стурла.

Од седиштето на Уругвајската бискупска конференција, кардиналот порача дека месната Црква е „исклучително радосна поради доаѓањето на папата Лав“ во неговата прва посета на Латинска Америка, и дека поради тоа се чувствува привилегирана, пренесува ACI Prensa.

Надбискупот раскажа дека поканата потекнува уште од конклавата во мај 2025 година.

„Кога беше избран папата Лав, во мојот прв поздрав му реков: Свети Оче, ве очекуваме, доаѓаме од Уругвај. Сетете се дека папата Фрањо не ги посети Уругвај и Аргентина, па затоа ве очекуваме Вас“, рече кардиналот Стурла.

„Многу сме среќни што Папата доаѓа“, додаде тој, нагласувајќи дека ова патување има значење не само за католиците, туку и за целиот Уругвај. Во таа смисла, забележа дека иако земјата обично се истакнува по својот секуларен карактер, „папата сепак е папа“ и останува важна фигура во светот.

Во однос на датумите, кардиналот Стурла, без да изнесува премногу детали, изјави дека „Папата доаѓа во ноември“. Како можен период на патувањето ги посочи датумите меѓу 5 или 6 ноември и 10 или 16 ноември. Според него, патувањето би можело да ги опфати Уругвај, Аргентина и Перу.

„Наша желба е да бидеме првата земја што ќе ја посети. Тоа е наша желба, а можеме да кажеме и дека има многу навестувања дека навистина ќе биде така“, рече тој.

Говорејќи за местата што Папата би можел да ги посети, кардиналот Стурла предложи маршрута што ги вклучува Монтевидео и Флорида, односно светилиштето на Дева Марија од Триесет и тројцата, заштитничка на Уругвај.

„Идејата е да оди и на север, веројатно во Пајсанду, но бидејќи тоа сè уште не е потврдено, не сакаме да будиме лажни очекувања што би можеле да доведат до разочарување“, рече кардиналот.

На состанокот учествуваше и професорот Јаго де ла Сиерва, кој неодамна ја координираше посетата на папата Лав XIV на Шпанија. Обраќајќи им се на Уругвајците, тој рече: „Дојдов да ви кажам дека немате претстава што ве очекува“.

„Доаѓа многу популарен папа, кого луѓето многу го сакаат, и затоа мора исклучително добро да се подготвите. А тоа не е лесно, бидејќи имате малку време. Можеби изгледа дека до средината на ноември, кога Папата пристигнува, има уште доста време, но всушност времето е многу кратко“, изјави тој.

„Маршрутата сè уште не е конечна. Не се конечни ниту датумите, ниту самиот формат“, појасни де ла Сиерва.

Сепак, нагласи дека посетата на Папата е „дар од кој сите имаат корист“.

ACI/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот