Папата до домородните народи: По интензивни денови се враќам збогатен дома

Папата до домородните народи: По интензивни денови се враќам збогатен дома

Последната средба на Папата во Квебек беше со делегација на домородните народи во надбискупската резиденција, каде што Светиот Отец им ги довери искуствата од „покорничкото ходочастие“ и патот на исцелување и помирување на три свети жени: Света Ана, Дева Марија и Света Катери Текавита.

Пријател, брат, ходочасник – вака Папата го опиша духот со кој појде на покајничкото ходочастие во Канада, кој е при крај. Како што им кажа на домородните делегации присутни во надбискупската резиденција – воедно ова е негова последна активност во Квебек пред да замине за Икалуит.

„Дојдов со покорнички дух да ви ја изразам болката што како Црква ја носиме во нашите срца поради штетата што ви ја нанесоа многу католици поддржувајќи ја угнетувачката и неправедна политика кон вас.“

Желбата е да продолжиме да чекориме заедно во потрага по вистината, за да можат да продолжат процесите на исцелување и помирување и семето на надежта да остане во посед за идните генерации – и домородните и недомородните – кои сакаат да живеат заедно, во слога, како браќа и сестри, истакна Папата.

По интензивното ходочастие, Папата рече дека многу збогатен се враќа дома: „Во срцето го носам неспоредливото богатство на сите оние поединци и народи кои оставија трага врз мене“.

„Вашите реалности, автохтоните реалности на оваа земја, ми ја посетија душата: влегоа во мене и секогаш ќе ме придружуват. Се осмелувам да кажам, ако ми дозволите, дека сега и јас се чувствувам во одредена смисла дел од вашето семејство и сум почестен“.

Скапоцено искрено чувство за семејството и заедницата

Посебно го истакна празнувањето на празникот Света Ана со различни генерации и голем број домородни семејства, за кои рече дека секогаш ќе му останат во срцето.

„Во свет кој, за жал, често е премногу индивидуалистички, многу е драгоцено вашето искрено чувство за семејството и заедницата. Многу е важно правилно да се негува односот меѓу помладите и постарите и да се одржува здрав и хармоничен однос со целото создание!“

Три жени кои најдобро знаат како да ги заштитат најважните работи

Папата изрази желба да им го довери сето она што го доживеале тие денови, како и потрагата по патот пред нив, на трите жени, за кои рече дека „најдобро знаат како да ги заштитат најважните работи во животот“.

Најпрво тоа е Света Ана, за која Папата рече дека ја чувствувал нејзината нежност и заштита додека ја почитуваше со Божјиот народ, кој пак ги почитува своите баби. Потоа – Дева Марија. Ниту едно битие не заслужува да се нарече ходочасник повеќе од Марија“, рече Папата.

„Таа е секогаш, дури и денес, дури и во овој момент, ходочасник, чекорејќи по патот меѓу небото и земјата, за да ни ја покаже Божјата грижа и да нè одведе за рака кај нејзиниот Син.

Последната жена на која Папата ѝ го доверува покајничкото ходочастие и патот на исцелувањето и помирувањето е света Катери Текаквита – првиот канонизиран припадник на северноамериканските домородни народи. Ја почитуваме поради нејзиниот свет живот, истакна Папата, наведувајќи дека нејзината светост – обележана со примерна посветеност на молитвата и работата и способноста да поднесува многу искушенија со трпение и кроткост – секако е можна и поради благородните и доблесни особини што ги наследила од нејзината заедница и домородното опкружување во која пораснала.

„Овие жени можат да ни помогнат да се здружиме и да започнеме да плетеме ново помирување кое може да ги поддржи правата на најранливите меѓу нас и да гледаме на историјата без гнев или заборав.“

Овие жени, заклучи Папата, нека го благословат патот што сега го споделуваат и нека се посредуваат за нив и за големото дело на исцелување и помирување кое е толку драго на Бога.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот