Скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, во понеделник, 11 мај 2026 година, во капелата на Македонски Каритас во Скопје, за време на Светата Литургија, го ракопроизведе Спасе Спасов во подѓакон.
На Светата Литургија со епископот Стојанов сослужуваа отец д-р Зоран И. Стојанов, декан и директор на Македонски Каритас, отец Марјан Ристов, епископски канцелар, и патер Томислав Рукавина, скопски катедрален викар.
Во својата хомилија, епископот Стојанов нагласи дека Исус е идеалот што Неговите ученици треба да го следат. Тој истакна дека Христос е и нашиот идеал кон Кого треба да се стремиме, како и пример според кој треба да го обликуваме својот живот.
Епископот посебно се осврна на радоста како една од основните карактеристики на Исусовите ученици и верници. Потсетувајќи дека Исус на Своите ученици им го остава Својот мир и Својата радост, епископот Стојанов подвлече дека без Христос не можеме ништо ниту да оствариме, ниту да направиме.
Со хиротесијата, Спасе Спасов е поставен во подѓаконска служба. Во источната традиција подѓаконот се смета за највисок меѓу помалите чинови, поставен над чтецот и пред ѓаконот.
По Светата Литургија следуваше братско заедништво.
к.мк

