Државниот секретар кардинал Пиетро Паролин зборуваше за масакрот во Буча, ја потврди можноста за патување на Папата во Киев и за средба со рускиот православен патријарх Кирил.
Мора да се направат сите напори за да се избегне ескалација на насилството во Украина, се вели во апелот што го повтори на новинарите државниот секретар кардинал Пиетро Паролин по учеството во презентацијата на мултимедијалниот проект за аутизмот во просториите на ватиканското радио.
Тој ја потврди и можноста за посета на папата Фрањо на Киев, откако самиот Свети Отец изјави дека се размислува за тоа. Патувањето не е забрането; тоа може да се направи, коментира тој. Важно е да се види какви ќе бидат последиците од патувањето и да се процени дали тоа навистина ќе придонесе за крај на војната.
Да се избегне ескалација
Одговарајќи на прашања за неодамнешните предлози на „глобалниот НАТО“ на генералниот секретар на Пактот Јенс Столтенберг, кардиналот Паролин го потврди принципот на легитимна самоодбрана и го повтори својот повик да се направи сѐ што е можно за да се избегне ескалација.
Вооружениот одговор на начин кој е пропорционален на агресијата, како што нѐ учи Катехизмот на Католичката црква, може да доведе до ескалација на конфликтот што може да има разорни и смртоносни последици, рече тој. Наместо тоа, кардиналот изрази надеж дека сите ќе се вратат на разумот и ќе најдат начин да преговараат за да се напушти таа еднонасочна улица.
Сликите од Буча предизвикуваат на размислување
Кардиналот Паролин со тага зборуваше и за шокантните слики од масакрот во Буча, град на шеесет километри од Киев. Необјаснив е ваквиот начин на однесување кон цивилите. Искрено верувам, како што многумина истакнаа, дека овие епизоди означуваат пресвртница во оваа војна. И се надевам дека тоа ќе ги натераат сите да размислуваат за потребата што поскоро да се прекинат борбите, а не да се зацврстуваат своите позиции, како што стравуваат некои, изјави кардиналот Паролин.
Можна посета на Папата на Киев
Државниот секретар одговараше и на прашања за можното патување на Папата во главниот град на Украина, Киев. Мора да има услови, објасни кардиналот, иако се чини дека постојат, бидејќи Украинците секогаш давале доволно гаранции дека нема да има опасност, мислејќи на патувањата на другите лидери. Верувам дека на крајот патувањето во Киев не е забрането; тоа може да се направи, рече кардиналот.
Сепак, додаде тој, се проценуваат и последиците од патувањето на Папата. Еден фактор што треба да се земе предвид се односите со Руската православна црква, која кардиналот Паролин ја опиша како чувствителна.
Секако, Папата нема да оди да заземе став во корист на ниту една страна, како што постојано правеше во оваа ситуација. Но, овој аспект ќе треба да се земе предвид и при севкупното разгледување на опциите за патување или не, истакна државниот секретар.
Средба со патријархот Кирил
Додавајќи ја темата за односите со Московската патријаршија, кардиналот Паролин потврди дека веќе се започнати некои планови за одржување на уште една средба меѓу папата Фрањо и патријархот Кирил, по нивната средба на 12 февруари 2016 година во Куба.
Колку што разбрав, продолжуваме со подготовките, рече тој, објаснувајќи дека двете страни во моментов бараат неутрален терен. Тоа е услов, рече кардиналот, но ништо не е решено. Ова пред сѐ се работи посебно во Папскиот совет за промовирање на единство меѓу христијаните, кој е надлежна дикастерија, додаде кардинал Паролин.
Дипломатија на Светиот Престол
Како што рече и самиот папа Фрањо при враќањето од Малта, Светиот Престол неуморно работи на полето на дипломатијата. Кардинал Паролин објасни дека, иако во моментов нема посебни иницијативи, Светиот Престол останува на располагање и е подготвен да посредува во разговорите со надеж за прекин на огнот.
Во моментов разгледуваме други начини за да ја претвориме нашата достапност во конкретни иницијативи, особено затоа што оваа понуда мора да ја задоволи волјата на двете страни, рече државниот секретар на Светиот Престол.
Кардиналот потврди и дека конкретна можност е заминувањето на надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите во Киев. Таму тој беше поканет пред да започне војната, поради што патувањето е откажано. Надбискупот Галагер би можел да биде во Украина во блиска иднина, рече кардинал Паролин, додавајќи дека датумот сè уште не е одреден.
Ватикан њуз/к.мк