Како да се засака светата Тајна Исповед?

Како да се засака светата Тајна Исповед?

„Оној кој оди на работ на бездната не мора да падне. Но тој се тресе и честопати паѓа само поради стравот. Исто така оној што не бега далеку од гревот, туку се држи близу до него, живее во постојан страв и честопати паѓа“.

Ова се зборови на светиот Иван Златоуст кој прави одличен вовед во темата на која ќе пишувам во следните реченици. Сите ние верниците – сме грешници и честопати живееме на работ на бездната. Ги прифаќаме наговорите на злото дека сепак се обидуваме да направиме чекор повеќе по работ, нудејќи ни ја при тоа својата „помош“. На почетокот тој е сосема бесопасен наговор, примамлив, се случува во нашата внатрешност и нашите мисли. Доколку дозволиме да нѐ наговори тоа преминува во слободна одлука и дело. И тогаш доаѓа падот. По кој знае кој пат. А кога паѓаме, тогаш и плачеме. И сите околу нас плачат, затоа што сме ги повредиле. Сите освен сатаната. Тој се смее до таа мера што „умира од смеа“ над нашите гревови и неуспеси. Тој се насладува со тоа што сме погрешиле, што самите од себе се срамиме, што не можеме да се погледнеме во очи. И редовно тоа ни го набива на носот.

Зошто е тоа така? Од едноставна причина. Не се трудиме да ја препознаеме и да ја избегнуваме грешната можност, туку се надмудруваме со полукавиот од нас. Мислиме дека овој пат сме доволно силни да го избегнеме гревот, а да ја задржиме онаа доза на интерес и возбудување која во нас се случува кога сме блиску до гревот. Мудриот човек бега од гревот. Тоа не е бегање како кукавица, туку промислена одлука која доаѓа од верата во Исуса Христа кој го победил гревот и сатаната. Исус не побегнал од гревот на целиот свет, туку храбро го поднесува на крстот – и го победува. Но, да се запрашаме, ние не сме Бог. Ние сме негови љубени деца, кои се грешни и слаби. Тој поради нас дошол гревот да го уништи и да ни ја отвори вратата на вечниот живот.

На сите нас ни е познато она чувство додека стоиме пред исповедалницата чекајќи со отворена врата или знак дека можеме да влеземе. Во себе водиме онаков или сличен монолог: „Се чувствувам како да носам 200 килограми на својот грб. Толку ми е страв. Срам ми е да кажам сѐ. Од каде да почнам? Хм, можеби оној најтешкиот дел да го оставам, во ушите на свештеникот да не бидам најголемиот грешник? А што ако го препознае мојот глас, па утредента ме сретне? Имам чувство дека сите гледаат само во мене, па сигурно знаат што сум згрешил, очигледно е. Сфатиле, ох, колку ми е непријатно, само пред да влезам нека престанат сите овие погледи. Само јас на светот можам да го направам тој грев, сигурно на никој не му паднало на памет да го направи тоа што јас сум го направил, никој не е толку грешен. Па најдобро е да гледам во подот, тогаш не гледам никој, ниту тие го гледаат моето лице. Сигурно нема да ме запомнат. Ах, најлош на светот сум. Можеби сепак ова не беше добра идеја, да дојдам некој друг ден, кога ќе има помалку луѓе?“

Да, не си единствен, и другите исто така размислуваат. Но, не се давај на обесхрабрувањето. Сигурно би сакал да знаеш како да ја засакаш светата Тајна исповед, таа да не стане тежок чекор за кој се создава болка во желудникот и вознемиреност во срцето? Ќе го засакаш во оној момент кога ќе сфатиш дека Бог не ужива во тоа да те осудува поради гревот кој што си го направил. Тој се радува кога го гледа твоето раскаено срце и не може да остане рамнодушен на твоето барање да ти прости. Кога ти и јас во светата Тајна Помирување велиме дека се каеме, дека ни е жал, Бог веќе ни простил, веќе духовно нѐ прегранал и тргнал со нас од почеток. Кој не би го сакал тој Исус, кој и тебе и мене нѐ љуби како грешници?

Нема нешто што Бог не може да ни го прости. Нема таква гадотија, глупост и понижување од кое Тој не сака да нѐ изведе. Тој гори од желба да нѐ љуби и да ни прости. Биди за тоа свесен. Тој те љуби со љубовта која не можеш да ја замислиш. Бог сака сѐ да ти прости, прашање е само, дали ти сакаш од гревот да се откажеш?

Исус знае дека сме слаби и грешни луѓе на кои им е потребно постојано, повторно простување. Затоа преку апостолите, преку светата традиција и мајката Црква ни ја оставил светата Тајна Помирување – светата Исповед. Таа преубава милост на простување, која ние ретко ја прифаќаме. Исповедта е мелем за раните на нашето срце и душа. Исповедта е милостен момент во кој на Бог му се кажува колку ни е жал што, по незнам кој пат, му свртевме грб. А Тој преку свештеникот ни доделува „простување и мир“ па така „ме разрешува од гревовите мои“. Кај Исус е преубав токму тој момент. Иако сме ја заслужиле секоја осуда, тој ни ја дава милоста на простувањето и нѐ ослободува од бедата и срамот кои слободно и свесно сме ги избрале. Ни дарува нов почеток, ни дарува слобода да можеме да ја живееме светоста за која сме создадени.

На едно место, веќе споменатиот свети Иван Златоуст вели: „Бог бара малку, но дава многу“. Откажувањето од гревот е навистина мала работа со оглед на тоа што ни се нуди во вечниот живот.

Секојдневно се соочуваме токму со овој едноставен избор – гревот или вечниот живот. Немој да си го комплицираш животот. Не мораш да живееш во грев, појди на Исповед со сигурност дека милосрдниот Бог простува сѐ ако со искрено срце се покаеш. Избирај го Исуса. Избирај го животот вечен. Секогаш.

Млади католици/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот