Во Евангелието според Матеј, Иван Крстител е претставен како нов Илија. Но што значи тоа?
Иван Крстител доаѓа со сличен дух, слична сила и харизма како старозаветниот пророк Илија. Кога евангелистот ги пренесува зборовите на Господ Исус, тој не зборува за враќање или реинкарнација на старозаветниот пророк. Тоа именување е метафорично.
Илија, кој најчесто се спомнува во врска со огнената кола, бил човек со голема храброст. Бил непоколеблив во своите ставови, во одредена смисла и смел до дрскост. Не се плашел ниту од царот Ахав, ниту од царицата Језавела.
Језавела не била без вина. Таа го почитувала паганскиот бог Ваал, ја поддржувала изградбата на храмови посветени на Ваал, ги штитела неговите свештеници и пророци и го потиснувала јавното почитување на Господ, Богот Израилев. Истовремено ги прогонувала слугите на единствениот вистински Бог на Израил.
Животот на Илија бил еден голем повик на преобраќање. На гората Кармил го врати Израил кон Господ и му го покажа вистинскиот Бог. На крајот од своето земно патување бил земен на небото во огнена кола. Израил го очекувал неговото враќање пред доаѓањето на Месијата, бидејќи пророкот Малахија јасно најавил дека Илија повторно ќе дојде.
А што се однесува до огнената кола, приврзаниците на теориите за НЛО велат дека Илија заминал со ракета, дека го зеле вонземјани, дека припаѓал на вонземјанска раса, исто како, според нив, и Господ Исус, Кого по воскресението Го обвил облак и во тој облак се вознел на небото. Ова го споменуваме само како интересна забелешка.
Но да се вратиме на Иван Крстител.
Тој бил едноставен човек од пустината, облечен во камилска кожа, со кожен појас околу бедрата. Бил исто толку вистинољубив и смел како Илија. И Иван Крстител го опоменувал царот, овојпат Ирод.
На крајот, и ангелот Гаврил јасно му претскажал на Захарија дека неговиот син ќе оди „во духот и силата на Илија“.
Луѓето очекувале некој друг. Иван не се вклопувал во нивните претстави. Очекувале величествено враќање на пророкот, барем во огнена кола. Но дошол незабележлив, аскет и строг човек, кој ги повикувал луѓето на преобраќање.
За да бидеме точни, на ист начин не Го препознале ни Исус. Не ги распознале знаците на времињата. Очекувале моќен Месија, борец, револуционер, кој ќе ги победи Римјаните и ќе го изгради царството на Израил.
А Исус дојде во сиромаштво, не бил прифатен и во прогонство.
Не е ли интересно тоа што човек може да Го има Бога пред очи, а сепак да Го превиди? Да не Го препознае? Тоа е навистина поразително.
Така може да се чита и Евангелието: Бог не дејствува онака како што би дејствувале ние. Бог не изгледа онака како што ние си Го замислуваме. Бог не може да се смести во една човечка дефиниција.
Затоа да не дозволиме да нè заслепат нашите сопствени претстави за Бога, за да не се случи во решавачкиот миг да не Го видиме.
Докостола/к.мк

