Со векови целата Црква, и на Исток и на Запад, го продолжувала празнувањето на Педесетница и по неделата во која се одбележува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите.
Тоа значело дека Педесетница не завршува во недела, туку се продолжува најмалку седум или осум дена. Во римскиот обред ова било познато како „Октава на Педесетница“, традиција што сè уште се зачувува кај оние што ја следат традиционалната латинска литургија. Кај источните католици и источните православни христијани, пак, овој период е познат како Попразденство на Педесетница.
Многу источни Цркви ја продолжуваат оваа традиција, што се гледа и во нивниот литургиски календар, но и во нивната побожна практика.
Попразденство на Педесетница
Во византиската традиција, сите поголеми празници од литургиската година имаат таканаречени попразденство, кои се природно продолжение на самиот празник.
Тие се слични на римската традиција на октава, при што Велигденската октава е најпознатиот пример. И октавите и попразденството го продолжуваат празнувањето, овозможувајќи верниците во текот на цела недела подлабоко да размислуваат за духовните теми на празникот.
За некои источни католици, понеделникот по Педесетница е познат како Собор на Светиот Дух, односно Празник на Пресвета Троица, ден во кој вниманието повторно се насочува кон делувањето на Светиот Дух во животот на Црквата.
Покрај тоа, за време на попразденството на Педесетница не се пости, бидејќи ова време е исполнето со радост и славење. Тоа е време на духовна гозба, а не на пост.
Една Источна црква вака ја објаснува оваа недела:
„Духот е сè уште тука, сè уште делува, сè уште ја прави Црквата она што е.
Затоа одвојуваме цела недела за таа вистина да ни се вкорени длабоко во срцето. Ги молиме истите молитви повеќе пати. Ги слушаме истите евангелија. Ги пееме истите химни, сè додека тие не бидат само зборови, туку нешто што станало дел од нас.
И не постиме, затоа што на свадбена гозба не се пости. Младоженецот е со нас. Духот дојде. Не ни останува ништо друго освен да славиме.“
Попразденството на Педесетница е прекрасно време во годината за да застанеме, да живееме со Светиот Дух и да Го повикаме да нè вдахновува во нашиот секојдневен живот.
Алатеја/к.мк

