Исус дојде за да нѐ ослободи од ропството на гревот
Исус дојде во светот со конкретно послание – да нѐ ослободи од ропството на гревот, земајќи ја на себе вината на човештвото – е мислата со која пред денешната молитва Ангел Господов, Светиот Отец го започна своето размислување за Исусовото крштение. Иван Крстител во мноштвото го препознал Исус како Божји пратеник и го покажа со зборовите: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (Иван 1,29).
Глаголот кој се преведува со „одземе“, буквално значи „подигнува“, „олеснува“, „зема врз“ Папата објасни дека единствен начин за победување на злото и гревот е љубовта која оди до дарување на сопствениот живот за другите. Во сведочењето на Иван Крстител, Исус има карактеристика на Слуга Божји, кој „ ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости“ (Исаија 53,3), сѐ до смртта на крстот. Он е вистинско Велигденско Јагне кое ги потопува во реката нашите гревови за да нѐ очисти.
Крстителот пред себе гледа човек кој стои во редот на грешници за да прими крштение, иако тоа не му било потребно; човекот кој Бог го испрати во светот како жртвено јагне – рече Папата и го продолжи своето размислување за Исусовото послание користејчи ја сликата за јагнето: животно кое не се одликува ниту со сила ниту со големина, а кое на своите рамења зема толку тежок товар. Огромната тежина на злото ја носи едно слабо и кревко создание, симбол на послушност, кроткост и незаштитена љубов која оди сѐ до жртвување на самиот себе. Јагнето не управува туку слуша; не е агресивно туку миротворно; не покажува канџи и заби пред секој напад туку поднесува и попушта.
На крајот Светиот Отец праша: што значи за верниците на нашето време да бидеме уеници на Јагнето Божјо? Значи – наместо злоба да имаш невиност; наместо моќ – љубов; наместо гордост – понизност; наместо престиж – служење. Да бидеме ученици на Јагнето не значи да живееш како „освоена тврдина“ туку како град на гората, отворен, топол и солидарен; значи да не примаш став на затвореност туку на сите да им го понудиш Евангелието, сведочејќи со Својот живот, следејќи Го Исус да станеме слободни и радосни.
По Ангел Господов, Светиот Отец на денешниот Светскиот ден на мигранти и бегалци посебно ги поздрави различните етнички групи и им посака мирен живот и зачувување на сопствената култура во земјите кои ги прифатиле. Заблагодари на оние кои работат со мигранти прифаќајќи ги и следејќи ги во нивните тешки моменти и штитејќи ги од таквите кои блажениот Скалабрини ги нарече „трговци со човечко месо“. Светиот Отец посебно ги поздрави претставниците од мисонерската конгрегација на Свети, монаси и монахињи на свети Скалабрини кои прават толку многу добро за Црквата. На крајот Папата ги повика верниците на кратко размислување за толку многу бегалци и мигранти кои често се без никакво вработување и без документи; за нивните страдања и нивниот живот, и за нив заедно со мноштвото верници ја упати до Богородица молитвата Радувај се Маријо…
РВ/Д.И.