Исусе, Ти си мој Цар
Господ, врзан, го одведоа во седиштето на управителот Понтиј Пилат. Во брзање се, сакаат сето тоа што побргу да заврши. Исус во тишина и со достоинството кое се одразува во Неговото однесување ги поминува улиците кон куќата на Пилат. Веќе е зори, жителите на градот се будни и ѕиркаат низ прозорците и вратите. Го гледат тој човек, познат и почитуван по светоста и големите дела, Кој го водат како затвореник. Господовите раце се врзани со јаже приврзано околу вратот: на таков начин се врзувани оние кои згрешиле против луѓе. Рано наутро е и на Исус му е ладно и е уморен. Лицето му е осакатено од ударите и плукањата; косата која му ја кинеле, замрсена е, а образите прекриени со модринки и крв, сега се бледи и воспалени. Таков Исус го воделе по улиците на градот, а сите кои го виделе биле зачудени и исплашени. Начинот на кој бил врзан и однесувањето на војниците кон Него, јасно покажувале дека ќе биде осуден на смрт.
Исус стои пред Пилат, кој може лично да се увери во смиреноста и ведрината на обвинетиот, наспроти немирот и вревата на оние кои ја бараат Неговата смрт. Пилат го прашува: Ти ли си Царот Јудејски? Исус одговара: Царството Мое не е од овој свет. Кога моето царство би било од овој свет, моите слуги би се бореле да не бидам предаден на Евреите. Но царството мое не е одовде. На тоа му рече Пилат: Ти си цар? Исус одговара: Ти велиш: јас сум цар. Ова е Исусовата последна изјава која ја изрекол пред обвинителите. После таа изјава замолчел, како јагнето пред стрижачите.
Да го завршиме нашето размислување, велејќи на Исус дека, Тој е Цар на моето срце. Тој е Цар на тој мој личен внатрешен свет во кој никој не може да влезе и во кој само јас сум господар. Тука во моето срце, Ти си Исусе Цар. Ти тоа добро го знаеш Господи.
Битно/Д.И.