Кој е на прво место во моето срце?

Со што зрачи мојот живот? Дали јас сведочам? Ако сведочам, кого или што сведочам? Дали тоа има некаква важност? Дали тоа се однесува на сите нас или само на некои? Што и да работам, зборувам или молчам, која облека да ја носам – за некого или за нешто сведочам. Не е можно да не сведочиш. Моето однесување, мојот говор и зборови, мојот начин на однесување со луѓето и светот кој ме опкружува сведочи за тоа кому му припаѓа моето срце, кого или што ставам на прво место во својот живот. (…)

Да имаш одреден тип на мобилен или автомобил, да носиш маица со одреден бренд стана толку важно што некој личен идентитет сака да се поврзува или толкува преку некој производ. Ако го имам ова или она, ако го носам овој или оној бренд – тогаш сум кул, модерен, ин или напротив аут. Секако, во целиот тој лажен сјај многу интелигентно се крие опасноста од идолопоклонство, бидејќи од тоа можеме лесно да воочиме што е или кој е на прво место во мојот живот. Не е проблемот во тие предмети, туку во мојот став кон нив. Ако им давам толку важност за да го дефинираат мојот идентитет или според нив да го дефинирам идентитетот на некој од моите ближни, тогаш имам голем проблем.

Овде можеме да застанеме и да си поставиме едно многу едноставно прашање на кое што често му даваме многу комплицирани одговори: Како буквално ни е сè друго толку лесно да го рекламираме, освен Исус Христос? „Чекај како мислиш?“ Па, не сум јас фанатик за да зборувам за Исус Христос! Свештениците се овде да зборуваат за Исус Христос во црквите! (…) Нели е интересно како токму за сè може да се разговара со часови, а коски во грлото ни се појавуваат само кога би требало да започнеме разговор за Исус Христос. Тогаш минутите ни изгледаат како вечност. Но, тоа сведочи само дека не сме го сретнале. Бидејќи ако сме го сретнале не би престанале да зборуваме за тоа колку е прекрасен, колку убави работи направи во нашите животи. И не само тоа. Изборите и одлуките кои секојдневно ги правиме ќе сведочат за тоа кој сме избрале да биде на прво место во нашето срце во нашиот живот. Ако тоа е Господ тогаш на пример ќе избираме простување, мир, нема да сме кавгаџии, ги извршуваме своите обврски. Служиме на заедницата и семејството. Во нашето однесување се покажува крепост. Ако во слабоста и паднеме, видлива е желбата и трудот повторно да се подигнеме. Лесно е да се воочи што ни е важно во животот, бидејќи нашето однесување нè разоткрива.

Ова ти го посакувам драг брате и сестро кој го читаш овој текст: да Го сретнеш Воскреснатиот и ако си го сретнал да не престанеш да го среќаваш, никогаш да не се одделиш од Него и Неговата љубов, да живееш во Неговата близина, да ти биде на прво место во твојот живот, заедно да откриваме секогаш одново колку е убаво да имаш таков пријател, учител, Спасител. Не плаши се. Да го сретнеш не е тешко, бидејќи Тој копнее да те сретне. Доволно е да му го отвориш своето срце. Ти посакувам мир и добро!

Крешимир Милетиќ/Гласник Мира/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Размислување, Свет

За авторот