Или одиш по патот на светоста или по патот на лицемерието

Да дозволиме да нè допре Божјото милосрдие и да одиме по патот на светоста, во спротивно сме лицемери, бидејќи нема трет компромисен пат, порача папата Фрањо во проповедта на светата Литургија во капелата на домот Света Марта.

Или сме луѓе исполнети со љубов или сме лицемери. За христијаните нема компромис: ако не дозволи да го допре Божјото милосрдие и не го љуби ближниот – по примерот на светците – тогаш завршува како лицемер кој уништува и расипува – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 12 март во капелата на домот Света Марта.

Пророкот Јеремија во денешното читање огорчено вели дека избраниот народ не го слуша Божјиот глас. Бог “дал сè“, а за возврат не ја примил нивната верност – рече Папата, додавајќи: „Како Бог овде да заплакал. Толку те љубев, толку ти дадов, а ти… сè против мене.“

Следејќи ја сопствената волја, одам по патот на стврднување на срцето и Божјото Слово не може да влезе во него. Можеме да се запрашаме – поттикна Светиот Отец – „Го слушам ли гласот на Господ или правам што ми е угодно, тоа што ми се допаѓа?“

Во денешниот дел од Евангелието папата Фрањо наоѓа пример на стврднување на срце: Исус лекува опседнат, а му возвраќаат со обвинување дека го изгонува бесот преку кнезот на бесовите. Тоа е типичен изговор на „легалист“ – рече Папата – „кој верува дека со животот треба да управуваат нивните закони.“

Тоа се случувало и во историјата на Црквата – додаде Папата и како пример ја наведе Јованка Орлеанка: тогашните учители ја запалиле, бидејќи ја обвиниле за ерес, а денес е светица. „Тие биле доктори; ја знаеле сигурната наука, тие фарисеи: одалечени од Божјата љубов“ – рече. Како втор пример го наведе блажен Антониј Росмини: „сите негови книги биле на инедксот. Не смеело да се читат, било грев да ги читаш. Денес е блажен“ – рече Папата и додаде: Светци се – а не моќници или лицемери – оние кои го промовираат животот на Црквата.

Меѓутоа светци се оние кои не се плашат од допирот на Божјото милосрдие. Заради тоа „сфаќаат многу мистерии“ и „од блиску го следат народот“ и не го мразат – објасни Светиот Отец и продолжи: „Исус вели: Кој не е со Мене, против Мене е“. Нема „компромисен пат“ – „малку тука, малку таму.“ „Или си на патот на љубовта или си на патот на лицемерието. Или дозволуваш Божјото милосрдие да те возљуби или правиш што ти е угодно.“

„Нема трет пат на компромис. Или си свет или одиш по друг пат. Кој со Мене не собира, растура… – не, уште полошо: расипува, уништува. Расипник кој расипува“ – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот