Ерусалим: Патријархот ги повика христијаните да останат во Светата Земја
Католичкиот патријарх во Ерусалим Фуад Твал ги повика христијаните да останат во Светата Земја. „Да се живее на Блискиот Исток за христијаните не е избор, туку послание“, рече патријархот во проповедта за Велигден. Патријархот ги повика Папата и христијаните од целиот свет да ја посетат Светата Земја како поклоници и така да ја искажат својата поддршка кон тамошните христијани.
Освен во Ерусалим и Витлеем, католиците од Светата Земја ќе го слават Велигден, заедно со припадниците на Православната црква, според одобрението од Конгрегацијата за Источни цркви, извести патријархот и додаде дека тоа ќе им овозможи на семејствата во кои има припадници на различни христијански цркви, заедно да го прослават Христовото Воскресение. Заедничкото славење на сите христијани е „чекор кон полно единство“, нагласи латинскиот патријарх од Ерусалим Фуад Твал.