Повеќе од 2 милијарди луѓе немаат пристап до питка вода

Повеќе од 2 милијарди луѓе немаат пристап до питка вода

Во пресрет на Светскиот ден на водата кој се одбележува на 22 март, во Женева е претставен извештајот на Обединетите нации за развојот поврзан со водата насловен „Никого не оставај зад себе.“

На 19 март 2019 година во Женева е претставен извештај за развојот поврзан со водата на светско ниво насловен „Никого не оставај зад себе.“ Извештајот го објави УНЕСКО во соработка со 31 агенција на Обединетите нации и голем број меѓународни организации кои заедно го сочинуваат „UN-Water“ тело кое ја кординира работата на Обединетите нации на подрачјето на водоснабдувањето и одводнувањето.

Чиста вода за пиење и соодветни хигиенско-санитарни услови од 2010 година Обединетите нации ги признаваат за човекови права. Но, до денес околу 2 милијарди и 100 милиони луѓе немаат пристап до питка вода, додека од нив околу 4,5 милијарди не располагаат со стабилни и сигурни санитарни услови. На агендите за одржлив развој до 2030 година Обединетите нации ја додадоа целта за пристап до вода и соодветни санитарни услови за целата светска популација.

Според проценките на Обединетите нации 1,4 милиони луѓе главно деца умираат секоја година заради болести предизвикани од нечистата вода. Нееднаквиот пристап до вода најмногу ги погодува најсиромашните земји и нивните најсиромашни жители, но и најзагрозените групи како што се жените, децата, старите лица и бегалците. Тоа е знак дека уживањето на правото на вода не е одвоено од уживањето на другите човекови права. На пример во некои градски средини жителите во најсиромашните квартови за питка вода на снабдувачите им плаќаат од 10 до 20 пати повеќе отколку што плаќаат жителите во побогатите квартови.

Повеќе од половина луѓе кои пијат од здравствено несигурните извори живеат во субсахарска Африка. Три четвртини од населението во тој дел на Африка тешко доаѓа до вода, што главно е задача на жената, која во просек на секое патување до изворот на вода троши повеќе од 30 минути. Без безбедна и достапна вода и санитарија – се предупредува во извештајот – тие луѓе веројатно ќе се соочат со голем број предизвици, вклучувајќи ги лошите здравствени и животни услови, неисхранетост и недостаток на можност за образование и вработување.

Состојбата на бегалците и интерно раселените лица често е драматична и неретко се соочуваат со сериозни тешкотии за да дојдат до вода и хигиенско-санитарни услуги. Во 2017 година речиси 70 милиони луѓе биле принудени да го напуштат својот дом. Во просек повеќе од 25 милиони луѓе секоја година мигрираат заради природните катастрофи, што е двојно повеќе од раните седумдесети години. И додека потребите за вода од 1980 година се зголемуваат за 1% годишно, порасна и бројот на конфликтите заради водените извори. Имено во втората деценија од 21 век тој број тројно се зголеми во однос на периодот од 2000 до 2009 година.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот