Документот, посветен на заштитата на човечката личност во ерата на вештачката интелигенција, го носи потписот на Папата и датира од 15 мај, годишнината од енцикликата Rerum novarum на папата Лав XIII. Презентацијата ќе се одржи во понеделник, 25 мај, во Синодската сала, во присуство на Светиот Отец.
Magnifica Humanitas е насловот на првата енциклика на папата Лав XIV, посветена на заштитата на човечката личност во ерата на вештачката интелигенција. Документот, кој ќе биде објавен на 25 мај, го носи потписот на Папата и датира од 15 мај, на 135-годишнината од објавувањето на енцикликата Rerum novarum на папата Лав XIII.
Презентацијата на енцикликата Magnifica Humanitas ќе се одржи на денот на нејзиното објавување, во 11:30 часот, во Синодската сала, во присуство на самиот Свети Отец.
На презентацијата ќе учествуваат префектот на Дикастеријата за наука на верата, кардиналот Виктор Мануел Фернандез, и префектот на Дикастеријата за промовирање на интегрален човечки развој, кардиналот Мајкл Черни.
Присутни ќе бидат и професорката Ана Роландс, теолог и предавач на Универзитетот Дарем во Обединетото Кралство; Кристофер Олах, коосновач на компанијата „Антропик“ во Соединетите Американски Држави и раководител на истражувањето за интерпретабилноста на вештачката интелигенција; како и професорката Леокади Лушомбо, предавач по политичка теологија и католичка социјална наука на Исусовската теолошка школа при Универзитетот „Санта Клара“ во Калифорнија.
Презентацијата ќе ја заврши државниот секретар, кардиналот Пјетро Паролин, по што ќе следуваат обраќање и благослов од папата Лав XIV.
Ватикан њуз/к.мк

