Десет години од енцикликата „Бог е љубов“

Папскиот совет Cor unum по повод десетгодишнината од енцикликата на папата Бенедикт XVI „Бог е љубов“ организираше меѓународен конгрес, чии учесници папата Фрањо на 26 февруари ги прими во аудиенција.

Во говорот Светиот Отец истакна дека првата енциклика на папата Бенедикт овозможува општ поглед на историјата на Црквата, на историјата на приматата Божја љубов која треба на светот да му се носи. Ова примата и дарувана љубов е темел на историјата и на секој христијанин: таа е срцето на црковниот живот – истакна Папата.

Божјата љубов е срцето на христијанскиот живот

Јубилејната година е повод да се вратиме на тоа срце во нашиот живот и во нашето сведочење, центарот за навестување на верата: „Бог е љубов“ (1Ив 48, 16). Бог нема само желба и способност да љуби, туку Тој е љубов. Љубовта е неговото битие, неговата природа. Тој е еден, но не е осамен; Тој не може да биде сам, не може да се затвори во самиот Себе затоа што е заедница, е љубов, а по својата природа љубовта се дава, се шири – истакна Светиот Отец.

Со својата љубов Бог го придружува човекот; иако човекот се одделува од Бог, Тој секогаш му е близок му оди во пресрет. Тоа негово приближување до нас е милосрдие. Така Тој се објавува на нас грешниците, тоа е неговото лице кое нè гледа и се грижи за нас – рече Папата.

Во светот христијаните треба да ја сведочат Божјата љубов

Љубовта и милосрдието се тесно поврзани – продолжи Папата – затоа што се израз на Божјото постоење и делување: неговиот идентитет и неговото име. Папата рече дека нашата љубов е солидарност или споделување на изразот на Божјата љубов. Тој неуморно ја излева врз нас својата љубов, а ние сме повикани во светот да ја сведочиме неговата љубов. Божјата љубов треба да ни биде како компас кој го насочува нашиот живот: во неа имаме одредница, од неа учиме како да го гледаме братот и светот – рече Светиот Отец.

Секоја црковна институција треба да навестува дека Бог го љуби човекот

Енцикликата нè потсетува дека Божјатаљ убов „сака сѐ повеќе да се облекува во животот на Црквата“. Колку би сакал секој во Црквата, секоја институција, секоја активност да објавува дека Бог го љуби човекот! Многу е важно посланието на нашите каритативни дела затоа што на многу сиромашни луѓе им овозможуваат достоен човечки живот – истакна Папата.

Делата на милосрдие знак на Исусовата милосрдна љубов

Тоа послание е многу важно затоа што секој човек преку делата, а не зборовите може да почувствува дека Бог Отецот го љуби, дека е негово дете, одредно за вечен живот со Бог. Папата се заблагодари на сите кои секојдневно се трошат во посланието кое се однесува на секој христијанин – рече Светиот Отец.

Во оваа јубилејна година сакав да истакнам дека можеме сите вршејќи дела на телесно и духовно милосрдие да ја искусиме милоста на Јубилејот: да се прават дела на милосрдие значи да се љуби како што Исус љуби. Сите така навистина ќе придонесеме за големото послание на Црквата да ја навестува Божјата љубов која сака да се шири. Енцикликата „Бог е љубов“ неодоливо ја чува свежината на својата порака која секогаш е актуелна за одењето на Црквата. Што повеќе живееме за овој дух повеќе ќе бидеме вистински христијани – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Uncategorized, Ватикан

За авторот