Да ја препознаеме величественоста во понизноста

Искуството на тројцата мудреци нè учи да не се задоволуваме со просечност, туку да гледаме во небото за како нив да ја откриеме и следиме Исусовата светлина. Со тие мисли папата Фрањо го поздрави мноштвото собрано на плоштадот Свети Петар по повод пладневниот наговор на празникот Богојавление.

Искуството на тројцата мудреци нè учи да не се задоволуваме со просечност, туку да гледаме во небото за како нив да ја откриеме и следиме Исусовата светлина. Со тие мисли папата Фрањо го поздрави мноштвото собрано на плоштадот Свети Петар на 6 јануари 2015 година по повод пладневниот наговор на празникот Богојавление односно светите три цареви кој го одржа по светата Литургија која ја служеше во базиликата Свети Петар.

Богојавление е прашање на внимание кон небото. Доволно е да се прочита Евангелието, приказната за пастирите и приказната за тројцата мудреци. Станува збор за различни групи – едните се угледни и со образование, додека другите се понизни и често потценети луѓе – но сите се способни да го подигнат погледот, да го видат она светло да тргнат на пат за да го следат и притоа не им е важно дали треба да одат само неколку метри или станува збор за долг пат.

Таа е поуката која Папата ја извлече од Литургијата за празникот Богојавление и ја даде во пладневниот наговор, продолжувајќи со мислите кои пред тоа ги кажа на светата Литургија. Она што ги поврзува пастирите и мудреците е небото – истакна Светиот Отец. Пастирите од Витлеем веднааш итаат да го видат Исус, не заради тоа што биле посебно добри, туку затоа што во ноќта бдееле и подигнувајќи ги очите кон небото го виделе знакот, ја послушале неговата поука и го следеле.

Така и мудреците го набљудуваље небото, виделе една нова ѕвезда, го протолкувале тој знак и тргнале на далечен пат. Пастирите и мудреците нè учат дека за да го сретнеме Исус потребно е да знаеме да го подигнеме погледот, да не бидеме свртени само кон себе, до својот егоизам, туку треба да ги имаме срцето и умот отворени за Божјиот хоризонт – рече Папата.

Црквата отсекогаш на Богојавление го чувствувала духот на универзалноста, а во мудреците ја гледала сликата на целиот човечки род – потсети папата Фрањо и додаде – Славејќи го Богојавление речиси како да сака секој маж и секоја жена на овој свет примерно да го води кон Детето Кое е родено заради спасение на секој човек. Христос само што е роден – додаде Папата – сè уште не знае да зборува, но сите народи кои ги преставуваат мудреците можат да го сретнат, да го препознаат и да му се поклонат.

Искуството на мудреците нè поттикнува да не се задоволуваме со просечност, да не „животариме“ туку да ја бараме смислата на работите, со ентузијазам да го истражуваме големото таинство на животот. И нè учи да не се соблазнуваме пред маленкоста и сиромаштвото, туку да ја препознаеме величественоста во понизноста и пред неа да знаеме да се поклониме – истакна папата Фрањо.

Во поздравите по молитвата Ангел Господов првите мисли на Папата беа управени кон бројните Источни цркви за кои 6 јануари е ден во пресрет на големиот празник. Денес ја изразувам својата духовна близина со браќата и сестрите од христијанскиот Исток, католици и православни од кои многумина утре го слават Господовото раѓање. Ги упатуваме своите желби за мир и добрина – рече Папата и ги поттикна присутните верници да ги поздрават со аплауз.

Потсетувајќи на крајот дека на Богојавление се одбележува Светскиот ден на светото детство, Папата истакна дека тоа е славење на децата кои со своите молитви и жртвувања помагаат на своите врсници кои се во потреба, правејќи се мисионери и сведоци на братството и солидарноста. Потоа меѓу останатото посебно се заблагодари на Малите браќа од Фрањевската заедница и Италијанскиот национален сојуз за превозот на болните во Лурд и меѓународните светилишта (UNITALSI) кои пред градската општина во Рим подготвија живи јасли вклучувајќи и луѓе со инвалидитет.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот