Ангел Господов: Христос мора да биде центар на секое наше ангажирање во Црквата и општеството

Ангел Господов: Христос мора да биде центар на секое наше ангажирање во Црквата и општеството

Пред молитвата Ангел Господов на 23 август 2020 година, папата Фрањо зборуваше за моментот кога Петар ја исповеда својата вера во Исус и ги повика верниците да се прашаат: Кој е за нас Исус? Дали е центар на нашиот живот и личното ангажирање. Говорот на Папата го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри,

Евангелието од оваа недела (сп. Матеј 16,13-20) пред очи ни го става моментот кога Петар ја исповеда својата вера во Исус дека е Месија и Син Божји. Таа исповед на апостолот ја поттикна самиот Исус, кој сака да ги доведе своите ученици до тоа да го направат одлучувачкиот чекор во својот однос со него. Имено, целиот Исусов пат со оние кои го следат, посебно со дванаесетмината, е пат на кој се обликува нивната вера. Пред сѐ тој прашува: За кого Ме мислат луѓето – Мене, Синот Човечки? (13).

На апостолите им се допаѓало да зборуваат за луѓето, како и сите ние. Сакале да зборуваат трачеви. Да се зборува за другите не бара големи напори, затоа што тоа ни се допаѓа, исто така сакаме да ги озборуваме другите. Во овој пак случај се бара погледот на вера, а не трачеви. Исус прашува: За кого Ме мислат? Изгледа дека учениците се натпреваруваат во донесувањето најразлични мислења со кои во најголема мера и самите се сложуваат. Накратко, Исус од Назарет го сметале за пророк.

Со другото пак прашање Исус ги погодува во срце: А вие, за кого Ме мислите? Забележуваме дека во тој момент настапува кратка тишина, затоа што сите од присутните биле повикани да се вклучат, откривајќи ја причината зошто го следат Исус, затоа одредено двоумење било повеќе и од оправдано. И кога сега јас би ве прашал вас: Кој е за тебе Исус?, малку би се двоумеле пред да одговорите. Од непријатноста ги ослободил Симон, кој со воодушевување изјавил: Ти си Христос, Синот на живиот Бог. Тој одговор, така потполн и остроумен, па и колку да бил великодушен – Петар бил великодушен – не му дојдел сам од себе, туку бил плод на посебна милост од небесниот Отец. Самиот Исус имено му вели: Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата. Да се исповеда Исус е милост од Отецот. Да се каже дека Исус е син на живиот Бог, дека е Откупител, е милост за која мораме да молиме: Оче дај ми милост да го исповедам Исус. Истовремено, Господ ја препознал подготвеност на Симон да возврати за милосното вдахновение и затоа со свечен тон додава: Ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. Со таа потврда Исус му помага на Симон да ја сфати смислата на новото име „Петар“, кое му го дава. Верата која при тоа ја посведочил е неуништлива карпа, врз која Синот Божји сака да ја изгради својата Црква, односно својата заедница. А Црквата чекори напред секогаш со крилата на Петровата вера, онаа вера која Исус ја препознава во Петар, и го поставува за глава на Црквата.

Денес чувствуваме како Исус на секој од нас ни го упатува прашањето: А вие, за кого Ме мислите? На секој од нас. И секој од нас мора да даде не теоретски одговор, туку одговор кој ја вклучува верата, односно животот, затоа што верата е живот. „За мене ти си… “ и да го исповедаме Исус. Тој одговор, кој и од нас, како и од првите ученици, бара внатрешно ослушнување на Очевиот глас и согласие со она што Црквата, собрана околу Петар и понатаму го навестува. Мораме да сфатиме кој е за нас Христос: Дали е центар на нашиот живот, дали тој е смислата за секое наше ангажирање во Црквата и општеството. Кој е за мене Исус? Кој е Исус за тебе, за тебе, за тебе… Овој одговор треба да го даваме секој ден.

Но внимавајте. Неопходно е и пофално што пасторалот на нашите заедници е отворен за многу сиромашни и посебни ситуации кои ги има насекаде. Милосната љубов секогаш е учителка за совршеноста, совршеноста на верата. Но делата на солидарност, делата на љубов кои ги правиме не смеат да не одвратат од контактот со Господ Исус. Христијанската милосрдна љубов не е чисто човекољубие, туку од една страна е гледање на другиот со очите Исусови, а од друга страна е гледање на Исус во лицето на сиромашниот. Тоа е патот на вистинската христијанска љубов, секогаш Исус во центар.

Пресвета Дева Марија, која е блажена затоа што поверува нека ни биде водич и пример на патот на вера во Христос и нека ни помогне да бидеме свесни дека довербата во него дава потполна смисла на нашата милосрдна љубов и на целиот наш живот.

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот