Во центарот на катехезата на папата Фрањо на Генералната аудиенција на 7 јуни 2023 година беше сведоштвото за апостолската ревност на Света Тереза од Детето Исус, црковна учителка. На плоштадот Свети Петар беа изложени моштите на светицата, која е прогласена за заштитничка на мисиите, на која Светиот Отец, како што најави, има намера да ѝ посвети апостолско писмо
Ректорската црква Свети Антониј опат на римскиот рид Ескилин од 6 јуни е домаќин на моштите на Света Тереза од Лисие и нејзините родители. До 16 јуни се предвидени бројни прослави, но во среда по повод Генералната аудиенција моштите на жената Кармелитјанка беа пренесени на плоштадот Свети Петар. На самиот почеток на катехезата, папата Фрањо истакна колку е убаво што тоа се случува додека размислуваме за ревноста за евангелизација, за апостолската ревност. Тој потоа најави дека сведочењето на Света Мала Тереза ќе биде во центарот на катехезата и дека по повод 150-годишнината од нејзиното раѓање, што се одбележува оваа година, има намера да ѝ посвети апостолско писмо.
Тереза – „заштитничка на мисиите“ престојувајќи во манастирот
Таа е заштитничка на мисиите, но никогаш не била во мисии – забележа Папата и праша: Како да се објасни тоа? Таа беше со кревко здравје и почина на 24 години, но нејзиното срце беше жив оган, мисионерско.
Во својот „дневник“ вели дека нејзината желба е да биде мисионерка и дека не сакала да биде мисионерка само неколку години, туку цел живот, дури до свршетокот на светот. Тереза беше „духовна сестра“ на повеќе мисионери: ги придружуваше од манастирот со своите писма, молитви и правејќи постојани жртви за нив. Без да се покаже, таа ги придружуваше мисиите со нејзино застапување, како мотор кој, скриен, му дава на возилото сила за движење.
Не барајте утеха за себе, туку за да го „утешите“ Исус
Животот на Света Тереза во манастирот не бил лесен, но таа прифаќала сè со љубов, трпение, принесувајќи ги, заедно со својата болест, и осуди и недоразбирања. Тоа го правела за потребите на Црквата и најмногу за оние кои најмногу се оддалечиле од Бога. Прашувајќи се од каде нејзината радост и мисионерска сила, Светиот Отец спомна две случки од нејзиниот живот, кои се случиле пред да влезе во манастирот, а кои ни помагаат да разбереме. Првиот се однесува на Божиќ во 1886 година, денот кој и го промени животот. Тереза наскоро требаше да наполни 14 години. Еден немил настан во семејството ја расплакал, но набрзо заборавила на се и повторно ја открила радоста и желбата да ги сака другите.
Што се случи? Се случи во ноќта кога Исус стана кревок од љубов, таа се зацврсти во духот – вистинско чудо: за само неколку моменти излезе од затворот на својата себичност и самосожалување; почнала да чувствува дека „љубовта влегла во нејзиното срце и потребата да се заборави себеси“ (сп. Ракопис А, 133-134). Оттогаш, својата ревност ја насочувала кон другите, за да можат да го најдат Бога и наместо да бара утеха за себе, решила „да го утеши Исуса, да ги натера душите да го засакаат“, бидејќи – забележала Тереза – „ Исус е болен за љубов, а […] таа болест може да се излечи само со љубов“ (Lettera a Marie Guérin [Писмо до Мари Герин], јули 1890 година).
Моќта на застапувањето
Да го направи Исус сакан станува секојдневна одлука на Тереза, како и застапувањето за да го сакаат другите.
„Би сакала да спасувам души и да заборавам на себеси заради нив: би сакала да ги спасувам и по мојата смрт. Ќе престојувам во небо правејќи добро на земјата (од Писмата на Света Тереза)“.
Папата Фрањо потоа спомна и други случки од животот на светицата од Лисие кои ја покажуваат нејзината апостолска ревност насочена пред сè кон грешниците. Имено, Тереза дознала за еден криминалец осуден на смрт. Неговото име било Енрико Пранцини. И кажале дека не сака да ја прими утехата на верата. Таа потоа почнува да моли на сите можни начини за негово преобраќање, за да покаже мал знак на покајание и да направи простор за Божјата милост, во која Тереза слепо верувала – рече Папата и продолжи:
Смртната казна е извршена. Следниот ден, Тереза прочитала во весникот дека Пранцини, непосредно пред да ја положи главата на гилотина, „наеднаш, обземен од ненадејно вдахновение, се свртел, го грабнал распетието што му го покажал свештеникот и ги бакнал светите рани на Исус три пати“. Светицата тоа го прокоментирала вака: „Неговата душа отиде да ја прими милосрдната пресуда од Оној што објави дека ќе има поголема радост на небото поради еден грешник што се кае, отколку за деведесет и девет праведници на кои не им треба покајание! (Ракопис А, 135).
Мисионер е оној кој живее за да може Исус да биде видлив
Движечката сила на мисијата лежи токму во моќта на застапништвото поттикнато од милосрдието – истакна Римскиот бискуп и нагласи дека мисионери не се само оние кои одат далеку, учат нови јазици, прават добри дела и се големи веронавестители; мисионер е секој кој живее, каде што е, како орудие на Божјата љубов. Мисионер е оној кој прави сè за да биде Исус видлив преку неговото сведоштво, неговата молитва, неговото застапништво.
Тоа е апостолска ревност, ова секогаш да го имаме на ум, никогаш не дејствува со прозелитизам или принуда, туку со привлечност: верата се раѓа од привлечноста; не стануваш христијанин затоа што некој те натерал, туку затоа што те допрела љубовта. Покрај бројните средства, методи и структури, кои понекогаш го одвлекуваат вниманието од она што е суштинско, на Црквата и се потребни срца како на Тереза, срца кои привлекуваат со љубов и се приближуваат кон Бога. Од оваа светителка молиме благодат да ја надминеме нашата себичност и ревност за посредување за да биде таа птивлчечност поголема кај луѓето и Исус да биде познат и сакан.
Ватикан њуз/к.мк