Видео порака на Папата за учесниците на настанот „Десетте Божји заповеди на десет плоштади“

Ватикан, 10.6.2013 /к.мк/ – Десетте Божји заповеди не се ограничување за слободата, туку се јасно „ДА“ на љубовта, се вели во пораката на Светиот Отец што ја упати во саботата на 8 јуни, прикажана на Катедралниот плоштад во Милано, по повод настанот наречен „Десет плоштади за Десетте Божји заповеди“. Тој настан што го организираше движењето „Обнова во Светиот Дух“, во соработка со Папскиот совет за нова евангелизација и со Италијанската епископска конференција, во Милано беше фокусуран на третата Божја заповед: „Спомни се да го празнуваш денот Господов“.

Со неа сакаше да се истакне колку е важно да им се дозволи на семејствата неделата да ја поминат заедно, а тоа беше и момент на дијалог меѓу различните движења. На настанот, меѓу другите, учествуваа и миланскиот архиепископ кардиналот Анџело Скола, градоначалникот Џулијано Писапија и претседателот на движењето Обнова во Светиот Дух, Салваторе Мартинез. Преку видео порака присутен беше и архиепископот Рино Физикела, претседател на Папскиот совет за нова евангелизација.

Зборот „заповед“ не е во мода, уште повеќе, денешниот човек го потсетува на нешто негативно, на желбата на некој да ни одреди граница. Од ова тврдење тргнува и видео пораката на Папата, која покажува: додека новата историја е одбележана со тиранија и логика што копнее за моќ и заработувачка, Десетте Божји заповеди доаѓаат од Бога кој нѐ создаде од љубов. Да имаме доверба во Бог! Да се предадеме на Бог! Десетте Божји заповеди ни го покажуваат патот по кој треба да одиме, а тие се и еден вид „етички кодекс“ за изградба на праведно општество по мерка на човекот, истакна Светиот Отец.

Колку само моралното и материјалното сиромаштво произлегуваат од отфрлањето на Бог и од поставувањето на бројните идоли на Негово место, забележа Папата повикувајќи нѐ да дозволиме да не водат заповедите што го покажуваат патот на слободата и кои својата полнота ја пронаоѓаат во законот на Духот напишан во срцето, а не на камени плочи. Тие му се предадени на израелскиот народ на Синај како пат по кој треба да оди за да остане слободен по ослободувањето од Египет. Тој пат е врежан во човечкото срце како општ морален закон, напомена Папата.

Десетте заповеди не треба да ги гледаме како ограничување на слободата, тие не се тоа, туку треба да ги гледаме како упатства за слободата, повеќе пати повтори Светиот Отец. Тие нѐ учат да го избегнеме ропството на кое не упатуваат бројните идоли кои самите си ги создаваме. Го имаме искусено тоа многупати во минатото, а го доживуваме тоа и денес. Десетте заповеди нѐ учат како да ги почитуваме луѓето; да ја победиме желбата за власт, поседувањето, парите; нѐ учат да бидеме чесни и искрени во односите, да го почитуваме создаденото и на крајот, да ја храниме нашата планета со големи, благородни и духовни идеали, напомена Папата и истакна дека Десетте Божји заповеди се закон на љубовта.

Мојсеј се искачи на ридот за да ги прими од Бог плочите на Законот, а Исус, истакна Папата, оди во спротивен правец, односно, слегнува во нашето човештво за да ни ја покаже длабоката смисла на тие Десет зборови: Сакај го Господ со сето свое срце, со сето свое срце, со сета своја сила, а ближниот како самиот себе. Тоа е најдлабоката смисла на Десетте Божји заповеди: Исусовата заповед што во себе ги содржи сите заповеди. Поради тоа Десетте Божји заповеди се заповеди на љубов.

Вистинската слобода, додаде Папата, не е наследување на сопственото самољубие, на своите слепи страсти, туку таа значи да се сака, да се избере во секоја ситуација тоа што е добро. Десетте Божји заповеди не се воспевање на зборчето „Не“, туку се кажано „Да“ на Бог, на љубовта; а бидејќи велам „Да“ на љубовта, тоа значи дека ѝ велам „Не“ на не-љубовта, а тоа „Не“ е последица на она „Да“ што доаѓа од Бог и кое ни дава да љубиме. Да ги откриеме и живееме Десетте Божји заповеди! Да кажеме „Да“ на тие десет патишта на љубовта кои Исус ги усоврши за да го заштитиме човекот и го однесеме до вистинската слобода!, поттикна папата Фрањо.

Да потсетиме дека настанот „Десет плоштади за Десетте Божји заповеди“ го организираше движењето „Обнова во Светиот Дух“ по повод 40 годишнината од неговото основање, а тоа опфаќа размислување на Десетте Божји заповеди на главните плоштади на поголемите италијански плоштади. Пораката на Папата повторно ќе биде прикажана на собирите што ќе се одржат и во другите италијански градови од јуни до октомври оваа година. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<