Во пораката до Меѓународната организација за труд Папата повторно ја осуди трговијата со луѓе
Трговијата со луѓе е „злосторство против човештвото“ и е дојдено времето да „се обединат напорите“ и да се ослободат жртвите на трговијата. Ова го потврди папата Фрањо во пораката до Меѓународната организација за труд (МОТ), која деновиве во Женева го одржува своето 103 заседание (28 мај – 12 јуни). Папата ги охрабрува владите кон усмерени политики за помош на доселениците и младите луѓе кои се првите жртви на глобалната економска криза.
Папата Фрањо многупати ја има осудувано принудната работа и недостојната експлоатација, на која се подложени одредени категории на луѓе во многу делови од светот. Пособено се погодени доселениците и не наидуваат на заштита во земјите во кои се доселуваат.
Во неговата порака Светиот Отец наведува дека „трговијата со луѓе“ е рана во срцето, како и „принудната работа и наведувањето на ропство“. Овој синџир од самоволието настанува таму каде цвета „глобализацијата на рамнодушноста“, која треба да се совлада што побрзо. Папата истакна дека е „недозволиво во нашиот свет, трудот на луѓето да се претвора во ропство и да биде пари во оптек“.
Папата Фрањо одделува простор и за кризата на трудот, бидејќи според христијанското гледање, човечкиот труд се смета „како дар и како обврска“. Во момент во кој „невработеноста трагично ги проширува границите на сиромаштијата“, оние кои се занимаваат со вработувачки политики, како МОТ, треба да обрнат внимание главно на младите невработени, за да им биде возвратена „совеста за нивната вредност“.
Папата Фрањо потврдува дека тоа бара „планирање на развојот, насочено кон човековото битие“ и „нова проценка на одговорностите на мултиетничките заедници“. Светиот Отец се обрати кон МОТ со апел за „охрабрување на владите, со цел да се олесни движењето на иселениците во корист на сите“, за да се отстрани трговијата со луѓе и опасните услови при патувањето.
На крајот Папата истакна дека треба да се нагласат „целите за одржлив развој“, кои „всушност треба да влијаат врз структурните причини за сиромаштијата и гладот“, да се „обезбеди достојна работа за сите „и да се пружи“ соодветна заштита на семејството, суштински елемент на секој одржлив човечки и социјален развој“.
РВ/В.Н.