Во план е реорганизација во Римската Курија
Папата Фрањо назначи група кардинали за подготовка на проектот за реорганизација на Апостолската конституција „Pastor Bonus“ и кои ќе го советуваат при управувањето на Универзалната црква, соопшти Државниот секретаријат на Ватикан. Во соопштението се вели дека одлуката на Папата е донесена од „препораките добиени во текот на Генералните конгрегации кои ѝ претходеа на последената Конклава.
Групата е составена од осум кардинали од различни континенти, кои имаат задача да го разгледаат документот потпишан од Иван Павле II во 1998 година. со кој се дефинира структурата и задачите на Римската Курија. Според документот, Куријата има задача да помага на Папата во неговото служење. Истовремено таа е израз на заедничкото дејствување на Папата со сите епископи во пресрет на предизвиците во посланието на Црквата.
Меѓународната група од кардинали – советници е составена од: Џузепе Берт, претседател на Гувернаторатот на Ватикан (Италија); Франциско Еразурис Оса, почесен архиепископ на Сантијаго (Чиле); Освалд Грасијас, архиепископ на Бомбај (Индија); Рајнхард Маркс, архиепископ на Минхен и Фрајзинг (Германија); Лоран Пасиња, архиепископ на Киншаса (Демократска Република Конго); Шон Патрик О’Малеј, архиепископ на Бостон (САД); Џорџ Пел, архиепископ на Сиднеј (Австралија); Оскар Родригез Марадијга, архиепископ на Тегусигалпа (Хондурас). Во групата влегува и монсињор Марчело Семераро, епископ на Албано во Италија, кој има функција на секретар. Првата работна средба е предвидена да се одржи од 1 до 3 октомври оваа година.
„Групата е основана за го советува Папата за ефикасно управување на Црквата при секојдневните негови состаноци и различните надлежности – рече на брифингот отец Федерико Ломбарди. Тие се постојани соработници, кои го придружуваат Папата во управувањето на Црквата“. Ватиканскиот портпарол негираше дека со новите назначувања Римската Курија минува во втор план и со тоа ќе ѝ се намалат постоечките функции: „Куријата останува со своите функции и одговорности“, истакна отец Ломбарди.
„Првиот состанок на групата е предвиден за октомври, што значи дека не станува збор за кратки рокови и брзина со чувство на итност“, додаде отец Ломбарди. „Сеуште не е прецизирано каква ќе биде динамиката на средбите и кога групата ќе ја одржи втората седница, веројатно ќе бидат потребни месеци помеѓу првиот и вториот состанок. Веројатно за тоа ќе одлучи Папата за време на првата средба. Освен тоа, рече ватиканскиот портпарол, Папата се запознава со Куријата и со своите соработници поради што му претстојат аудинеции со префектите на различните конгрегации и различните ватикански совети.