Владиката Стојанов за Свети Кирил и Методиј служеше во Богданци
Монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија на 24 мај 2016 година служеше света архиерејска Литургија по повод патрониот празник на парохиската црква Свети Кирил и Методиј во Богданци.
Со епископот Стојанов сослужуваа парохот о. Тома Ангелов, о. Џовани Марија Леонарди, кој ја придружува статуата Марија од Назарет и повеќе свештеници од Апостолскиот егзархат и Скопска бискупија. Патрониот празник е возвеличен и со присуството на статуата Марија од Назарет, кој од вечерните часови на 23 мај престојува во парохиската црква.
Во контекст на престојот на статуата Марија од Назарет во Богданци монс. Стојанов во својата проповед истакна дека бројни цркви и капели во Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат се посветени токму на Пресвета Богоридица и продолжи: „Не можам, а да не го споменам и поколонението кое секоја година во чест на Мајка Божја се одржува на Паљурци за Мала Богородица, каде во 1908 година владиката Епифание Шанов го посветува нашиот народ на Пресвета Богородица. (…) Нашата поврзаност со Марија, нашата побожност кон Пресвета Дева Марија, важноста што во нашиот вернички живот го има Марија од Назарет е од посебна важност за македонските католици. На тоа сме горди, тоа е знак на нашиот идентитет, тоа треба да го негуваме и чуваме во нашиот живот и уште повеќе да го пренесеме на нашите идни поколенија.
Во продолжение на проповедта, бискупот Стојанов зборуваше за ликот и делото на светите Кирил и Методиј, истакнувајќи ја нивната пастирска посветеност, а заврши со кратка молитва: „Свети Кирил и Методије заедно со Марија од Назарет бидете наши застапници пред Господа Бога за доброто на секое семејство, на оваа наша заедница и на нашата татковина.“
На крајот од Литургијата верниците по повод именденот на епископот Стојанов му испеаја многаја лета, а о. Тома Ангелов се заблагодари на епископот Стојанов и на о. Леонарди за нивното присуство, а на верниците за нивната ангажирасност и допринос во организацијата на овој свечен ден.
Во дворот на црквата верниците останаа во заедништво и дружење со агапе подготвено од семејството Србови и верниците од парохијата.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк