Одржана трибина за Меѓугорје

Одржана трибина за Меѓугорје

Во Струмица се одржа последната од серијата трибини за богородичните ходочеснички места, на кој присуствуваше и епископот Киро Стојанов, кој ги повика свештениците и верниците и во иднина да организираат и да учествуваат во вакви или слични трибини на теми важни за црковниот живот

Во недела 26 ноември 2023 година во парохиската сала на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица се одржа четвртата, од серијата трибини за богородичните ходочеснички места во организација на Деканатот Свети Кирил и Методиј при Струмичко – скопската епархија и Радио Марија и во соработка со парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица. На трибината присуствуваше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов, свештеници, чесни сестри Евхаристинки и верници од повеќе парохии.

На трибината зборуваше г-дин Александар Аврамов од Гевгелија за богородичното ходочесничко место Меѓугорје, кое се наоѓа во Босна и Херцеговина. Во своето предавање тој ги опиша случувањата во Меѓугорје во 1981 година, како и подоцнежниот развој на ова ходочесничко место.

Исто така се осврна и на лицата, кои се главните протогонисти на меѓугорскиот феномен: Иванка Иванковиќ, Мирјана Драгичевиќ Солдо, Марија Павловиќ, Лунети Вицка Иванковиќ Мијатовиќ, Иван Драгичевиќ и Јаков Чоло.

По завршувањето на дискусијата деканот на Деканатот „Свети Кирил и Методиј“ при Струмичко – скопска епархија протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов се заблагодари на сите чинители кои придонесоа во организација на овие трибини.

Епископот Стојанов исто така од своја страна се заблагодари за организацијата на овие трибини, ја истакна важност од ваквите средби и ги повика свештениците и верниците и во иднина да организираат и да учествуваат во вакви или слични трибини, како во оваа сала, така и во други црковни простори, на теми важни за црковниот живот, а во претходен договор со Деканатот „Свети Кирил и Методиј“ и со благослов од Ординаријатот.

Трибината беше збогатена со музички нумери во изведба на млади од парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица, а ја модерираше м-р Данче Ичева.

Со оваа трибина заврши планираниот циклус за Богородичните ходочеснички места, кои се одржува од 15 октомври 2023 година.

На самиот крај, м-р Данче Ичева ја најави трибината за посланието на Македонски Каритас, која ќе се одржи во недела 10 декември 2023 година со почеток во 18.00 часот во парохиската сала на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, на која ќе зборува Спасе Спасов, координатор на Македонски Каритас.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот