Католичкиот свет влегува во длабока тишина. Само во мир може да се случи онаа големина која ја донесе Исус од Назарет.
Денес е Велики Четврток. Тој е денот на Исусовата последна вечерa. Денес Црквата навлегува во свето тродневие, во сеќавање, комуникација низ литургија и молитва на Исусовите последни денови и дела. Црквата се подготвува за славење и доживување на Воскресението.
На Велики Четврток Исус со своите ученици го прослави за последен пат Еврејскиот празник Пасха и тоа еден ден пред самиот празник, и ја востановил Светата Литургија, по која христијаните посебно се препознаваат. На денешен ден тој им остави на Црквата и на светот свет знак на своето присуство во лебот и виното, предавајќи им го така на Црквата и човештвото своето човечко тело и својата крв, како гаранција за победата над болката, смртта и вината, како и над злото и катастрофите. На денешен ден Исус ги изрече најхуманите зборови на апостолите и светот, денес чудесно молеше за нас, денес го вети својот Дух против духот на злото, нехуманоста и разорувањето. На денешен ден беше издаден, фатен и цела ноќ судски испитуван. Денес мракот на човековата душа се покажа како најгуст, денес човекот неповратно падна во бездната на завист и омраза кон Бога. Но денес небото е најблиску до земјата, денес милосрдието е посилно од вината, денес доброто го победи злото, денес човечкото зло е претворено во покајание, денес мракот е ранет до зрак на надеж.
Денес во Литургијата преминуваме во салата на последната вечер во Ерусалим, гледаме како Исус востановува нов и вечен сојуз помеѓу Бог и човечкиот ред, како тој договор со нас го потпишува со својата крв. Излегувајќи од салата доживуваме како Јуда отиде во мрак, го предаде Учителот од Назарет во смрт за триесет сребреници, и од очај се обеси. Влегувајќи во Гетсеманската градина на Маслиновата гора преминувајќи го потокот Кедрон, ги слушаме последните упатства кон Црквата и светот.
На последната вечера Исус им ги изми нозете на учениците. Миењето нозе е знак на гостопримство. Значи Исус сака да каже дека преку неговата смрт, во која заминува, и преку воскресението, тој ги отвора своите небесни врати, и нас не поканува како свои гости. Светата Литургија е надеж дека сме деца Божји и наследници на небото. Во светата Литургија стануваме едно со Исус, тој станува наш брат и учител.
Црквата во своите прегратки го носи искуството на Бог кој стана човек, неговите зборови и неговата сила, неговите одредби и неговиот сојуз со нас. Исус од Назарет со своите дела, зборови и живот стана веродостоен, и нас нè увери дека не е само човек или голем светец, дека не е мистик и пророк, туку Бог. Однадвор трезвен, без мистични и монашки гестови, а одвнатре силен на зборови и моќен, моќен над природата, Божјото опростување на гревовите, сила со која ги гони злите духови, и запре сѐ што го загрозува на човекот. Воскреснуваше мртви, лекуваше болести, умре за човекот, воскресна и така ја сврте човековата судбина.
Сè што Исус Христос му донесе на светот е содржано во заветот кој тој го склопи со Црквата и Светот. Говорејќи: „Ова е моето тело кое се предава за вас“, „Ова е мојата крв која за вас се пролева и за сите луѓе за опростување на гревовите“, склопи со нас нов сојуз со својата крв. Така некако потпиша сеопфатен, вечен договор, сојуз, спомен помеѓу Црквата и себе, помеѓу човештвото и Бога. Под тој сојуз кој Црквата го чува преку славењето на Евхаристијата или светата Литургија, содржано е сето богатство кое Исус го донесе на светот. Тоа се негови зборови, тука е моќта на неговата света Тајна, тука е силата на неговиот Дух, тука е неговата присутноста, тука се присутни првите плодови на новиот воскреснат свет.
Ден пред својата смрт Исус го оствари тој сојуз и го потпиша со својата крв, од тогаш Црквата ја чува Светата Литургија како најдрагоцен бисер. Таа тој сојуз секој ден го обновува и слави, и така ја потврдува нашата согласност на Исусовиот сојуз со нас. Сè што има Црквата, се наоѓа во Евхаристијата, сè што му треба на човекот се наоѓа таму. Светата Литургија е средиште на Црквата, таа е изворот од кој извира сè друго. Таа е истовремено Голгота и воскресно утро, бидејќи Исусовите маки, смртта и воскресението се содржани во неа. Светата Литургија е ризница во која се наоѓа богатство за спасение на секој човек и целата човечка историја. Од неа настанува Црквата, таа е срце на Црквата и историјата. За да би се потенцирала важноста на сојузот склопен во Евхаристијата, Црквата го слави Велики Четврток. Но, таа тој празник го пренесува на уште еден ден, на Тело Христово. Таа тоа го слави и секој ден, но особено на тоа славење ги повикува сите верници.
Славејќи ја Евхаристијата Црквата ни го пренесува и денес сѐ она што Исус го направи за човештвото. Таа ја навестува Исусовата смрт и воскресеието и така се остварува новиот свет. Славејќи ја Евхаристијата се споменува дека Црквата е судница во Божјиот свет и дека секој човек може да биде соучесник во Божјата природа. Од Исусовата смрт и воскресение извираат сите свети Тајни. Во Евхаристијата човекот може сестрано да го запознае Бога. Бог умре за човекот. Исус на нас ни го даруваше своето тело, Тој на нас ни дава да ја пиеме неговата крв и да станеме негови крвни сродници. Човекот е толку голем што Бог сметаше дека се исплати за него да се даде животот. Ако Бог е со нас, кој ќе е против нас, повикува Свети Павле.
Католичкиот свет денес влегува во длабока тишина. Само во мир може да се слуше и да се случи таа големина што ја донесе Исус од Назарет. Денес Црквата станува свесна дека е пратена за секој човек, дека е божествена и дека само во послушноста на Отецот, Синот и Светиот Дух има сила за евангелизација, обнова на светот и препородување на човечкото општество. Комуницирајќи со Исус во светата Причест верникот станува разнесувач на избавителната и спасителска моќ на Исус Христос и така се создава чекор по чекор, парче по парче ново небо и нова земја.
Томислав Иванчиќ /к.мк/Б.У.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк