Бидете сведоци на милосрдното присуство на Бог

„Не плашете се. Не обесхрабрувајте се“. Ова беше повикот упатен од папата Фрањо на средбата со учесниците на генералниот Капитул на Конгрегацијата на „Мисионерите, чеда на Непорочното срце на Дева Марија“, познати како Кларетијани, по името на нивниот основач Антонио Марија Кларет.

Во својот говор Папата се осврна на темата на средбата: „Сведоци и гласници на Евангелска радост“. „Сведоци, бидејќи радоста не може да се пренесува, ако не е присутна и длабоко вкоренета, како во приватниот живот, така и во заедничкиот. Гласници, бидејќи треба да се дели доброто, а во споделувањето, радоста се прочистува и множи, претворајќи се навистина во евангелска“, рече папата Фрањо.

Светиот Отец потсети на пораката упатена кон сите богопосветени лица во светот по повод Годината на богопосветениот живот, во која ги поканува сите да „гледаат на минатото со благодарност, да ја живеат ревносно сегашноста и да ја прегрнат со надеж иднината“. Папата ја истакна важноста на трите концепти, додавајќи дека „да се прегрне со надеж иднината, значи да не се обесхрабруваме. Не плашете се. Господ е оној кој нѐ испраќа. Гледајте секогаш кон оној кој ја очекува благата вест, кон оној кој има потреба од вашето сведоштво, за да го почувствува милосрдното присуство на Бог во својот живот“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот