Папата: Нека се разјасни одговорноста за велигденските атентати во Шри Ланка

Папата: Нека се разјасни одговорноста за велигденските атентати во Шри Ланка

Папата Фрањо упати апел до властите на Шри Ланка да го расветлат крвопролевањето во земјата на Велигден пред три години, поздравувајќи ги речиси 3.500 Шриланчани собрани во базиликата Свети Петар на света Литургија на третата годишнина од атентатот: вистината ќе „донесе мир на вашата совест и татковина“.

Ве молам, од љубов кон правдата, од љубов кон својот народ, конечно нека се разјасни кој е одговорен за тие настани. Ова ќе донесе мир во вашата совест и татковина – е апелот на папата Фрањо до властите во Шри Ланка, на крајот од светата Литургија, која во присуство на околу 3.500 Шриланчани, главно од Рим и други делови на Италија, ја служеше надбискупот на Коломба, кардиналот Малколм Рањит, по повод тригодишнината од атентатите извршени на Велигден, 21 април 2019 година. Тогаш шест бомбаши самоубијци убија повеќе од 250 луѓе, во неколку напади врз три цркви и три хотели.

Воскресението е светлината на надежта

Со поздравот на воскреснатиот Христос „Мир вам“, папата Фрањо се помоли за сите жртви на насилство и војна, а посебно од тероризмот. На средбата со Папата присуствуваа 41 лице кои ги преживеале нападите, меѓу кои има и деца кои останале инвалиди по атентатот. Папата ги потсети сите: Само воскреснатиот Господ е наш Спасител.

Соочени со ужасот и апсурдноста на одредени дејствија, кои се чини дека е невозможно да бидат извршени од луѓе, се покажува очигледно дека тоа е дело на Злобниот – рече Папата. Затоа, ние разбираме зошто Синот Божји, Невин, Свет, Праведник, мораше да умре распнат за да нѐ спаси. Тој ја зеде врз себе не само смртта, туку и суровоста на злото, омразата, братоубиственото насилство. Неговиот крст и неговото воскресение се светлина на надежта во најгустата темнина. Денес да молиме за сите жртви на насилство и војна, а посебно за жртвите од тероризмот – поттикна Светиот Отец.

Молитва за Шри Ланка

Папата потоа го спомна апостолското патување во таа островска држава во Индискиот Океан, каде што беше во 2015 година, и поттикна на молитва за граѓанската и црковната заедница на Шри Ланка. Се молиме за владетелите, за оние кои имаат општествени и образовни обврски, како и за целиот народ. Нека сегашните тешкотии се решат со посветеност и соработка на сите. Се молиме за Црквата во Шри Ланка: Нека се исполни со Светиот Дух со посредство на Пресвета Богородица и радосно да го навестува Евангелието на Христос Спасителот – рече папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот