Ангел Господов: Христос не е сеќавање на минатото, тој е жив и оди со нас

Ангел Господов: Христос не е сеќавање на минатото, тој е жив и оди со нас

Не е историска личност, туку Бог на сегашноста; така папата Фрањо го коментираше делот од Евангелието според Матеј, во кој Исус ги прашува своите ученици што мислат луѓето за него, а потоа што тие мислат за него. Светиот Отец ги поттикна верниците да се запрашаат: Дали Исус навистина е жив во мојот живот, дали е мој Господ?

„За кого Ме мислат луѓето – Мене, Синот Човечки“? Тоа е прашање што Исус им го поставува на своите ученици и кое го упатува денес и до нас. Во недела, 27 август 2023 година, папата Фрањо во своето пладневно обраќање пред молитвата Ангел Господов се осврна на делот од Евангелието според Матеј што ни го предлага Литургијата од оваа недела. Генерално – рече тој – луѓето добро зборуваат за Исус, многумина го гледаат како голем учител, посебна личност; добар, праведен, доследен, храбар… Но сето тоа е премалку. Да го гледате само како лик од минатото би било само убаво сеќавање на некои минати времиња. А тоа не му доликува на Исус – забележа Папата и додаде: Навистина, веднаш потоа им го поставува истото прашање на учениците: „ А вие, за кого Ме мислите, кој сум јас?“, па и на нас ни повторува: „Кој сум јас за вас, сега?”.

Исус не сака да биде протагонист на историските времиња, туку на твоето, денес; не далечен пророк, туку близок Бог! Христос не е сеќавање на минатото, туку Бог на сегашноста. Да беше само историска личност, денес би било невозможно да го наследуваме: би се нашле пред голема временска провалија и, пред сè, пред неговиот пример, кој е како многу висока и непробојна планина; желни да се искачиме на неа, но лишени од потребните вештини и ресурси. Напротив, Исус е жив; да се потсетиме дека, Исус е жив, Исус живее во Црквата, живее во светот и не следи, Исус е со нас.

Исус ги прифаќа нашите слабости и оди со нас

Неговото Слово и неговата благодат нѐ придружуваат на најтешките патишта – истакна Светиот Отец. Тоа значи дека во животот не сме сами. Апостол Петар препознава во Исус Христос, Син на живиот Бог; не херој од минатото, туку оној кој дојде да ги сподели радостите и тешкотиите со кои се среќаваме на нашиот животен пат.

Затоа, да не се обесхрабруваме ако понекогаш ни изгледа дека врвот на христијанскиот живот е превисок, а патеката премногу стрмна. Да го погледнеме Исус; секогаш гледај во Исус; да го видиме Исус кој оди покрај нас, кој ги прифаќа нашите слабости, ги споделува нашите напори и ја полага својата цврста и нежна рака на нашите слаби рамења. Со него во нашата близина, да си подадеме рака еден на друг и да ја обновиме довербата: она што ни изгледа за нас самите невозможно, со Исус веќе не е така!

Дали Исус навистина е жив за мене?

Папата потоа предложи секој од нас денес да си го постави истото прашање: А вие, за кого Ме мислите, кој сум јас? Па, да се запрашаме дали Исус е голема личност, упориште, недостижен пример за мене? Или Господ е тој што може да ме одведе до места до кои не можам сам да стигнам? – рече Римскиот бискуп и на крајот поттикна своевидно „испит на совеста“ кој бара одговори:

Дали Исус навистина е жив во мојот живот и се прашувам: дали Исус живее со мене? Дали е тој мојот Господ? Дали се потпирам на Него во тешки времиња? Дали го негувам неговото присуство преку Словото и Светите Тајни? Дали му дозволувам, заедно со моите браќа и сестри, да ме води во заедницата?

На крајот папата Фрањо ја повика Богородица да ни помогне да го почувствуваме нејзиниот Син жив и присутен покрај нас.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот