Ангел Господов: Не плашете се!

Ангел Господов: Не плашете се!

Не плашете се! Господ никогаш нема да нѐ остави сами – истакна папата Фрањо за време на попладневниот говор на 25 јуни 2017 година на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Светиот Отец потсети дека Исус им даде на своите ученици послание и во денешното Евангелие според Матеј (сп. 10,26-33) забележуваме како ги упатува и подготвува да се соочат со искушенијата и неволјите кои ќе ги пресретнат на својот пат. „Не плашете се луѓе! Нема ништо сокриено, што не ќе се открие, или тајно, а да не се узнае. (…) Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело. Не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат (сп. 26-28). Да се биде пратен не значи дека сме добиле гаранција за успех – рече Папата. Мора да се земе во обѕир можноста дека можеме да биде отфрлени, но и прогонети.

Папата Фрањо напомена дека ученикот е повикан да се поистовети со Христос, кој бил прогонуван и кој ја запозна отфрленоста, напуштеноста и смртта на крстот. Не постои христијанско послание во знакот на спокој – рече Папата. Потешкотиите и искушенијата се дел од евангелизациското дело, а ние сме повикани да пронаоѓаме во нив можности да ја потврдиме веродостојноста на својата вера и својот однос со Исус. Мораме тие тешкотии да ги сфатиме како можност да бидеме подобри мисионери и да растеме во довербата кон Бог, Отецот наш, кој никогаш не ги напушта своите деца во моментите на бура. Ние никогаш не сме заборавени, туку Отецот секогаш ни помага. Од таа причина Исус три пати во денешното Евангелие им вели на своите ученици: „Не плашете се!“- рече папата Фрањо.

И во нашево време христијаните се соочени со прогонства. Поради тоа да молиме за нашите браќа и сестри кои се прогонувани – рече Светиот Отец – и да го славиме Бог, бидејќи и покрај сѐ што поминуваат и понатаму верно сведочат за својата вера. Нивниот пример би требало и на нас да ни помогне да не се срамиме да заземеме став во корист на Христос, храбро да го исповедуваме во секојдневните ситуации. Еден облик на искушение исто така е и отсуството на непријателства и неволји – предупреди Папата и продолжи: Господ и во денешново време нѐ праќа како „овци меѓу волци“, како стражари меѓу луѓе кои не сакаат да се разбудат од нивната световна занесеност, кои не ја познаваат вистината на Евангелието, градејќи сопствени минливи вистини.

Но како што зборуваше на своите ученици, така Исус и на нас ни повторува: „Не плашете се!“ Папата поттикна никогаш да не се заборави тој збор. Не плашете се од оние кои ви се потсмеваат и кои се однесуваат лошо кон вас, не плашете се од оние кои ве игнорираат или оние кои „однадвор“ ве почитуваат, но во „позадина“ се борат против Евангелието. Исус нема да нѐ остави сами затоа што сме за него скапоцени – рече папата Фрањо и додаде дека во сведочењето на верата многу не се бројат успесите, туку е важна верноста кон Христос, признавајќи во сите, па и во најтешките ситуации, дека е непроценлив дарот што сме негови ученици.

После молитвата Ангел Господов Светиот Отец изрази близина со жителите на кинеското село Џинмо, кое вчера настрада од голем одрон, предизвикан од обилните врнежи. Папата Фрањо истакна дека се моли за загинатите и ранетите, како и за оние кои ги загубија своите домови. Бог нека ги утеши семејствата и нека им помогне на спасувачите во нивните напори – рече Папата.

Светиот Отец потоа потсети дека денес во главниот град на Литванија, Вилнус, за блажен е прогласен надбискупот Теофил Матулионис, кој во 1962 година е убиен од омраза кон верата, на возраст од скоро 90 години. На крајот Светиот Отец ги поздрави присутните поклоници, а посебно оние од Украинската Источно католичка Црква, која одбележуваа 150 години од канонизацијата на свети Јозафат, маченик за единството, и за секој од нив од Господ побара храброст за христијанско сведоштво, како и за дарот на мир во саканата Украина.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот