Гевгелија: Духовна обнова на Сестрите Евхаристинки

Гевгелија: Духовна обнова на Сестрите Евхаристинки

Во сабота 11 март 2023 година во манастирот „Пресвето Срце Исусово“ во Гевгелија – единствениот манастир кој што е останат уште од времето на основателите на Сестрите Евхаристинки, о. Јосиф и с. Еврозија Алоати, Н.В.П. монс. Киро Стојанов одржа духовна обнова за сестрите Евхаристинки, на која присуствуваа сите сестри од Македонија на чело со сестра Бернардина Сирачева – Провинцијална настојателка.

Епископот Стојанов својот наговор го одржа на тема: Пустина, искушение, напаст според Евангелието од свети Марко 1,12-15, при што рече: Пустината е идеално место за поминување време со Господ. Во неа, тишината е често најгласното ехо, а мислите се декор на тој пуст и огромен простор. Колку и да е убава и привлечна, толку е страшна и морничава. На Исус му било важно со целото битие да се посвети на посланието за кое е испратен во светот и да му докаже на злото дека ништо не може да владее над Него. А од друга страна, сè што Исус направи добро и убаво за човекот, најчесто било во градската врева и растрчаност. Додека проповедал, лекувал, простувал, ги воскреснувал мртвите и ги прекорувал лицемерите, тоа често го правел на очиглед пред сите.

Да се потрудиме да го сретнете Господа во двете средини, во пустината и во градот во текот на овој ден, во нашето секојдневие, во обврските, меѓу нашите најблиски, во Црквата и на работата, во заедницата. Да не ја пропуштиме можноста да го запознаеме во пустината. Да се соочиме како и Тој со тишина и нашите мисли, во момент на осаменост и молитва без многу зборови. Да ги погледнеме нашите намери и нашите потреби со Него. На крајот, можеби вреди да заклучиме, пред Исусовото дејствување и сите прекрасни работи што тој ги направи за нас, за светот, му претходеше пустина, молитва, тишина, лична борба, искушенија и напаст, но и конечна победа. Како стоиме ние со времето и молитвата пред сите големи предизвици во нашиот живот?

Светата Литургија се служеше за сестра Маргарита по повод годишнината од нејзиното заминување во вечноста како и за останатите сестри што се преселија во вечноста. Во својата пригодна проповед епископот Стојанов се осврна и на животот и делото на сестра Маргарита.

Духовната обнова заврши со панихида на гробот на с. Маргарита и останатите сестри погребани на гробиштата во Гевгелија, а воедно се помолија и за починатите свештеници погребани на тие гробишта.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот