Телеграма со сочувство од Папата по повод смртта на монс. Џордано, апостолски нунциј во ЕУ

Телеграма со сочувство од Папата по повод смртта на монс. Џордано, апостолски нунциј во ЕУ

На денот на погребот на монс. Алдо Џордано 9 декември е објавена телеграмата со сочувство на Папата која ја потпиша кардиналот Пиетро Паролин.

Погребот на апостолскиот нунциј во ЕУ, монсињор Алдо Џордано е одржан на 9 декември во катедралата на неговиот роден град Куне. Погребните обреди ги предводеше Папскиот државен секретар кардиналот Пиетро Паролин.

Монс. Џордано почина на 2 декември на 67 годишна возраст во белгискиот Лувен по хоспитализацијата заради болеста Ковид-19.

На денот на погребот е објавена телеграмата со сочувство која ја потпиша кардиналот Пиетро Паролин, во која изразува близина до сите ожалостени и упатува молитва до Господ да го прими неговиот верен слуга.

Светиот Отец со благодарност се присетува на ревниот свештенички живот на монс. Џордано. Во сите служби кои ги извршувал делувал со мудрост, откривајќи ги даровите на својот ум и срце и сведочејќи искрена ревност за човекот и безусловната љубов кон Црквата, се наведува во телеграмата.

Монс. Алдо Џордано е роден на 20 август 1954 година во местото Кунео на северот на Италија, докторирал на Универзитетот Грегоријана во Рим. Именуван е за нунциј во ЕУ во мај минатата година. Претходно бил нунциј во Венецуела, а пред заминувањето во Латинска Америка ја извршувал службата генерален секретар на Советот на европските епископски конференции и постојан набљудувач на Светиот Престол при Советот на Европа во Стразбур.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот