Папата: Личната одговорност е клучна за подобрување на светот по пандемијата

Папата: Личната одговорност е клучна за подобрување на светот по пандемијата

Државниот секретар на Светиот Престол кардиналот Пиетро Паролин во име на папата Фрањо во четвртокот на 19 август испрати порака до учесниците на „Средбата за пријателство меѓу народите“, која се одржува во италијанскиот град Римини од 20 до 25 август.

Во пораката Папата ги повикува учесниците да бидат храбри во барањето христообразни патишта за да започнеме од ново по завршувањето на пандемијата. Исто така Светиот Отец изрази радост што средбата повторно се одржува со физичко присуство откако минатата година заради ситуацијата со коронавирусот се одржа виртуелно.

Во фокусот на пораката на папата Фрањо за 42 средба е темата: „Храброст е да кажеш „јас“, според изреката на данскиот филозоф Сорен Киеркегард. Папата истакна дека оваа изрека е корисна затоа што светот настојува „повторно да започне на добри темели, за да не се загуби приликата која се крие во пандемската криза.“

Повторниот почеток, додаде, бара сите да имаат храброст да ризикуваат, нарекувајќи го тоа чин на слободата. „И покрај наметнатото физичко дистанцирање, пандемијата ја врати личноста – „јас“ на секој човек – во центарот, предизвикувајќи така во многу случаи повторно будење на основните прашања за смислата на постоењето и корисноста на животот кои беа сокриени или уште полошо премногу долго цензурирани.“

Папата Фрањо рече дека пандемијата ги потсети луѓето на потребата за лична одговорност, за што многумина сведочеа во различни ситуации. „Соочени со болеста и болката, соочени со многу потреби, многумина непоколебливо рекоа: Еве ме.“ (…)

После пандемијата истакна Папата, сите луѓе мора да ја преземаат сопствената одговорност за да им служат на другите, посебно јавните власти. Меѓу останатото тој истакна дека е потребна храброст одговорно да кажеме „јас“ и дека само во силата на Светиот Дух можеме да го пронајдеме својот вистински компас. „Основна причина за храброста на христијанинот е Христос. Воскреснатиот Господ е нашата сигурност. Преку Него доживуваме длабок мир дури и среде животни бури,“ рече Светиот Отец.

Папата ја завршува својата порака повикувајќи ги учесниците да бидат исполнети со радоста на Евангелието. Ги повика на храброст во откривањето на нови начини на живеење на верата што ги вклучува сите луѓе, „бидејќи хоризонтот на верата во Христос е целиот свет“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот