Денес започнува новата литургиска година – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на 29 ноември 2020 година на плоштадот Свети Петар. Говорот на папата го пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри!
Денес, со првата недела од Адвент започнува нова литургиска година во која Црквата ги слави главните настани од животот на Исус и историјата на спасението. На тој начин, како Мајка, таа го осветлува патот на нашиот живот, нè поддржува во нашите секојдневни работи и нè води кон конечната средба со Христа. Денешната литургија нè повикува да го живееме првото „силно време“, и тоа е ова време на Адвент, прво во литургиската година, Адвент, кој не подготвува за Божиќ, а за таа подготовка тоа е времето на исчекување, времето на надеж. Исчекување и надеж.
Свети Павле (сп. 1 Коринтјаните 1,3-9) покажува што е тоа што чекаме? Што е тоа? „Откровението на нашиот Господ Исус Христос“. Апостолот ги повикува христијаните од Коринт, но и нас, своето внимание да го насочиме на средбата со Христовата личност. За христијанинот од најголема важност е постојаната среда со Господ, да се биде со Господ. И така, навикнати да бидеме со Господарот на животот се подготвуваме да се сретнеме, да бидеме со Господа во вечноста.
И таа конечна средба ќе дојде на свршетокот на светот. Но, Господ доаѓа секој ден, за да можеме преку Неговата благодат да направиме добро и во нашите и во животите на другите. Нашиот Бог е Бог-кој-доаѓа – запомнете го ова: Бог е Бог кој доаѓа, доаѓа непрестајно: Тој нема да нè разочара во нашето очекување! Господ никогаш не нè остава разочарани. Можеби ќе нè остави да чекаме, ќе нè остави накратко во мрак за да зајакне нашата надеж, но никогаш не разочарува. Господ секогаш доаѓа, тој е секогаш со нас. Понекогаш не може да се види, но секогаш доаѓа.
Дојде во точно одреден историски час и стана човек врз себе да ги преземе нашите гревови – на празникот Рождеството Господово, ние си спомнуваме на првото доаѓање на Исус во историјата; тој ќе дојде на крајот на времето како врховен судија; и тој доаѓа по трет пат, на трет начин: тој доаѓа секој ден да го посети својот народ, да го посети секој маж и жена што го прима во Словото, Светите Тајни, браќата и сестрите. Исус, ни кажува Библијата, е пред врата и тропа. Секој ден. Тој е пред вратата на нашето срце. Тропа. Дали можете да слушнете како Господ тропа, кој денес дојде да те посети, кој тропа на твоето срце со некаков немир, со некаква идеја, со некакво вдахновение? Дојде во Витлеем, ќе дојде на свршетокот на светот, но доаѓа кај нас секој ден. Бидете внимателни, внимавајте што чувствувате во вашето срце кога Господ тропа.
Знаеме дека животот се состои од подеми и падови, од светла и сенки. Секој од нас доживува моменти на разочарување, неуспех и изгубеност. Понатаму, ситуацијата низ која поминуваме, обележана со пандемија, кај многумина предизвикува загриженост, страв и очај; постои опасност да се падне во песимизам, во одредена затвореност и безволност.
Како треба да реагираме на сето ова? Денешниот псалм ни сугерира: „Душата наша се надева на Господа: зашто Он е наш помошник и наш заштитник, зашто во Него ќе се весели срцето наше; оти на името Негово свето се надеваме.“ (Псалм 32, 20-21). Тоа е душата која чека, доверливото чекање на Господ дава во мрачните моменти од животот да се пронајде утеха и храброст. А од каде доаѓа таа храброст и таа доверлива сигурност? Од каде доаѓа? Доаѓа од надежта. И надежта не разочарува, тоа е крепост што нè води напред, упатувајќи го погледот во средбата со Господ.
Адвентот е постојан повик за надеж: нè потсетува дека Бог е присутен во историјата за да ја приведе до крајната цел и да ја доведе до нејзината полнота, а тоа е Господ, Господ Исус Христос. Бог е присутен во историјата на човештвото, тој е „Бог со нас“, Бог не е далеку, тој е секогаш со нас, до таа мера што многу пати тропа на вратата на нашето срце. Бог е наш сопатник кој не бодри. Господ не нè напушта; нè придружува во случувањата од нашите животи за да ни помогне да ја откриеме смислата на патувањето, смислата на секојдневниот живот, да ни влее храброст во искушенија и болките. Среде бурите во животот, Бог секогаш ни дава рака и нè ослободува од заканите. Тоа е навистина убаво!
Во книгата Второзаконие има многу убав пасус каде што пророкот им вели на луѓето: „Оти има ли некој голем народ, кому неговиот бог му се приближил толку, како што е близок кон нас Господ, нашиот Бог, кога и да го повикаме?“ Никој, само ние ја имаме таа благодат Бог да е близу до нас. Го чекаме Бог, се надеваме дека Тој ќе се покаже, но и Тој се надева и дека ние на него ќе му се покажеме!
Пресвета Богородица, жената во исчекување, нека ги следи нашите чекори во оваа нова литургиска година што ја започнуваме и нека ни помогне да ја исполниме задачата на Исусовите ученици која ја истакна апостол Петар. А која е таа задача? Да се образложи надежта која е во нас (сп. 1 Петар 3,15).
Ватикан њуз/к.мк