Во пладневниот говор во недела 18 октомври 2020 година, папата Фрањо се осврна на Евангелието од денешната света Литургија потсетувајќи дека должност на граѓанинот е да плаќа данок, а исто така за човечкиот живот и историјата првенство треба да има Бог. Го пренесуваме во целост говорот на папата Фрањо.
Евангелието од оваа недела (сп. Матеј 22,15-21) ни прикажува како Исус се спротивставува на лицемерието на неговите противници. Тие му упатуваат бројни комплименти – најпрво, многу комплименти – а потоа поставуваат прашање кое во себе крие замка како би го довеле во непријатност за да го дискредитираат пред народот. Го прашуваат: „Дали е дозволено да му се дава данок на царот или не?”, односно да се плаќа данок на царот. Во тоа време во Палестина владеењето на Римското царство тешко се поднесувало – и тоа е разбирливо, биле окупатори – но и поради верски причини. За народот почитувањето на царот, кој се истакнувал исто така со негова слика на парата, било навреда за Израелскиот Бог. Исусовите соговорници се уверени дека нивното прашање може исклучиво да се одговори само со „да“ или „не“, не постои трет избор. Чекале, токму затоа што биле уверени дека со тоа прашање ќе го принудат Исус да оди во ќош и ќе влезе во замката. Но Тој ја знае нивната злоба и се ослободува од замката. Бара да му покажат пара, со која се плаќа данокот, ја зема во рака и прашува чиј лик се наоѓа на парата. Тие одговараат дека е на царот. Тогаш Исус и одговара: „Подајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!”
Со таквиот одговор Исус се поставува над полемиката. Исус секогаш е над сѐ. Од една страна, тој упатува дека данок на царот мора да се плаќа – тоа важи и за сите нас, данокот треба да се плаќа, затоа што ликот на парата е негов; но пред сѐ потсетува дека секој човек во себе носи друга слика (образ) – ја носиме во срцето, во душата – тоа е сликата Божја и затоа на него и само на него му должиме затоа што постоиме, на него му го должиме сопствениот живот.
Во оваа Исусова реченица не наоѓаме само критериум за разликување меѓу политичкото и верското поле, туку се поставуваат јасно упатства за послание на верниците за сите времиња, па и за нас денес. Плаќањето данок е обврска на граѓаните, како и почитувањето на праведните закони на државата. Истовремено, потребно е да се потврди дека на Бог му припаѓа првото место во човечкиот живот и во историјата, почитувајќи го Божјото право за она што му припаѓа.
Од тука и посланието на Црквата и христијаните: Да се зборува за Бог и да се сведочи на мажите и жените на ова време. Секој од нас преку крштението е повикан да биде жива присутност во општеството, вдахнувајќи го со Евангелието и со виталната лимфа, Светиот Дух. Станува збор за тоа дека треба да се залагаме понизно и во ист миг смело, давајќи сопствен придонес во изградба на цивилизација на љубов, каде владее правда и братство.
Пресвета Марија нека ни помогне на сите да се чуваме од секакво лицемерие и да бидеме чесни и конструктивни граѓани. И нека нѐ поддржи нас, Христовите ученици во посланието да сведочиме дека Бог е центар и смисла на животот.
Ватикан њуз/к.мк