Љубов, молитва и прошка – ова го карактеризира животот на првиот маченик на Црквата, кој се слави на 26 декември, како и животот на сите оние кои сакаат да бидат, како него, сведоци на Исус и да го менуваат злото во добро. Папата Фрањо зборуваше за ова во своето пладнево обраќање за време на молитвата Ангел Господов на 26 декември 2020 година, , осврнувајќи се на гестовите на љубовта, па и на малите, што сите можеме да ги правиме во секојдневниот живот, со што нашите животи ќе станат извонредно дело.
Драги браќа и сестри, добар ден!
Вчера Евангелието зборуваше за „вистинската Светлина“ што дојде на светот, светлината која „свети во мракот и мракот не ја опфати“ (Иван 1, 9,5). Денес го гледаме Исусовиот сведок, свети Стефан, како свети во мракот. Сведоците светат со светлината на Исус, тие немаат своја светлина. Дури и Црквата нема своја светлина; затоа древните отци ја нарекувале Црквата „таинство на Месечината“. Како што Месечината нема своја светлина, така и сведоците немаат своја светлина, тие се способни да го земат Исусовото светло и да го одржуваат. Стефан е лажно обвинет и брутално каменуван, но во мракот на омразата, во таа мака со каменување, дава да свети светлината на Исус: тој се моли за своите убијци и им простува, како Исус на крстот. Тој е првиот маченик, односно првиот сведок, првиот во низата браќа и сестри кои продолжуваат да внесуваат светлина во темнината до ден денес: луѓе кои на злото враќаат со добро, кои не подлежат на насилство и лаги, туку спиралата на омраза ја прекинуваат со кроткоста на љубовта. Овие сведоци ја внесуваат Божјата зора во темнината на овој свет.
Но, како се станува сведок? Следејќи го Исус, примајќи го Исусовото светло. Тоа е патот за секој христијанин: да го следи Исус, да го прима Исусовото светло. Свети Стефан ни дава пример: Исус дојде да служи, а не да му служат (сп. Марко 10, 45) и тој живее за да служи, а не да му се служи, и доаѓа да служи: Стефан е избран за ѓакон, станува ѓакон, односно служител и им служи на сиромашните на трпезата (сп. Дела 6,2). Тој се труди секојдневно да го наследува Господа и тоа го прави и на самиот крај: исто како Исус, и тој беше заробен, осуден и убиен надвор од градот и како Исус, моли и простува. Додека го каменуваа, тој вели: „Господи, не примај им го ова за грев“ (Дела 7,60). Стефан е сведок затоа што го имитира Исус.
Меѓутоа, може да се постави прашањето: дали навистина има корист да се сведочи за добрина кога злото го зафати светот? За што служи молитвата и простувањето? Само за да дадеме добар пример? Но, каква е користа од тоа? Не, има нешто многу повеќе од тоа. Ова го откриваме од еден детал. Во текстот се вели дека меѓу оние за кои Стефан се молел и им простувал бил и „едно момче по име Савле“ (р. 58), кој „одобрил да се убие Стефан“ (8, 1). Набргу потоа, со благодатта Божја, Савле се преобрати, ја прима Исусовата светлина, ја прифаќа, се преобраќа и станал Павле, најголемиот мисионер во историјата. Павле е роден токму од Божјата благодат, но преку простувањето на Стефан, преку сведочењето на Стефан. Тоа е семе на неговото преобраќање. Тоа е доказ дека гестовите на љубовта ја менуваат историјата: дури и малите, скриените, секојдневните. Зашто, Бог ја води историјата преку скромната храброст на оние кои молат, љубат и простуваат. Многу скриени светци, светци од соседството, скриени сведоци со животот ја менуваат историјата со мали гестови на љубов.
И ние треба да бидеме Исусови сведоци. Господ сака од обични гестови, од секојдневни гестови да го направиме животот нешто чудесно. Таму каде што живееме, во семејството, на работа, насекаде, ние сме повикани да бидеме Исусови сведоци, без разлика дали е тоа само давање светлина со една насмевка, светлина која не е наша: таа е на Исус, или со тоа што ќе се држиме подалеку од сенките на нагодување и озборувања. Кога ќе видиме дека нешто не е во ред, наместо да критикуваме, да озборуваме и да се жалиме, да се молиме за оној што направил грешка и за таа тешка ситуација. И кога ќе започне кавга во куќата, наместо да се трудиме да излеземе од неа како победници, да се обидеме да ја решиме мирно; и секој пат започнувајте од почеток, простувајќи им на оние кои нè навредиле. Овие се мали нешта, но тие ја менуваат историјата затоа што отвораат врати, отвораат прозорец за Исусовата светлината. Свети Стефан, додека примал камењата на омраза, возвратил со зборови на прошка. Така ја променил историјата. И ние можеме секој ден да го менуваме злото во добро, како што сугерира една убава поговорка која вели: „Биди како палма: на неа се фрлаат камења, а од неа паѓаат урми“.
Денес да молиме за оние кои страдаат поради прогонство заради Исусовото име. За жал ги има многу. Ги има повеќе отколку во првите времиња на Црквата. Ги доверуваме на Богородица овие наши браќа и сестри, кои на угнетувањето одговараат со нежност и како вистински Исусови сведоци го совладуваат злото со добро.
Ватикан њуз/к.мк