Исус Христос со своето воскресение нè ослободи од ропството на гревот

Исус Христос со своето воскресение нè ослободи од ропството на гревот

После светата Литургија на 16 април 2017 година во своето воскресно обраќање Urbi et Orbi (до градот и светот), Папата истакна дека денешниот ден нè потсетува на тоа дека Исус Христос со своето воскресение нè ослободи од ропството на гревот и смртта и ни го отврои патот до вечниот живот.

Во продолжение го пренесуваме во целост обраќањето на Папата…

Драги браќа и сестри,

СРЕЌЕН ВЕЛИГДЕН!

Денес во целиот свет, Црквата го обновува навестувањето полно со чудење на првите ученици: „Исус воскресна!“ – „Навистина воскресна како што рече!“

Древниот празник Пасха, споменот за ослободувањето на еврејскиот народ од ропството, овде го достигнува своето исполнување: Исус Христос со своето воскресение нè ослободи од ропството на гревот и смртта и ни го отвори патот до вечниот живот.

Сите ние, кога дозволуваме со нас да завладее гревот, го губиме вистинскиот пат и одиме лутајќи како загубени овци. Но, самиот Бог, нашиот Пастир, дојде да нè побара, се снижи сѐ до понижувањето на крстот за да нè спаси. И денес можеме да навестиме: „Воскресна Пастирот добар кој животот го положи за своите овци, алилуја!“ (Римски мисал, IV Воскресна недела, Причесна песна)

Воскреснатиот Пастир со текот на времето не се изморува да нè бара, своите браќа загубени во пустините на светот. И со знаците на маката – раните на својата милосрдна љубов – нè привлекува на својот пат, патот на животот. Тој и денес ги зема на своите рамења многу наши браќа и сестри притиснати од злото во различни облици.

Воскреснатиот Пастир ги бара загубените во лавиринтите на осаменоста и отфрленоста; им оди во пресрет преку браќата и сестрите кои знаат да им пристапат со почит и нежност за да им овозможи да го слушнат неговиот глас, незаборавниот глас кој ги повикува на пријателство со Бог.

Води грижа за оние кои се жртви на старите и нови ропства: нехумана работа, незаконска трговија, искористување и дискриминација, тешки зависности. Се грижи за децата и адолесцентите кои се лишени од безгрижноста и искористувани; и за оние со ранети срца заради насилството внатре во ѕидовите на сопствениот дом.

Воскреснатиот Пастир е сопатник на сите кои се присилени да ја напуштат својата татковина заради вооружени конфликти, терористички напади, глад, тирански режим. На принудените мигранти им дава да се сретнат со браќата од своето поднебие, за да го делат лебот и надежта на заедничкиот пат.

Во сложените, понекогаш и драматични настани на народите, Воскреснатиот Господ ги води чекорите на оние кои бараат правда и мир; им дава на водачите на народите храброст за да спречат ширење на конфликти и да ја запрат трговијата со оружје.

Во овие времиња на посебен начин нека ги поддржи напорите на оние кои активно работат за да донесат олеснување и утеха на населението во Сирија, саканата и измачена Сирија, жртвите на војната која не престанува да сее ужас и смрт. Вчера е извршен подол напад на бегалци во бегство, во кој се убиени и ранети голем број луѓе. Нека подари мир на целиот Среден Исток започнувајќи од Светата Земја, Ирак и Јемен.

Нека не отсуствува близината на Добриот Пастир меѓу народите на Јужен Судан, Судан, Сомалија и Демократската Република Конго кои страдаат од постојани конфликти влошени со глас кои тешко погодува одделни региони на Африка.

Воскреснат Исусе, поддржи ги посебно напорите на оние во Латинска Америка кои се залагаат за да обезбедат општо добро за општествто, понекогаш обележано со политички и социјални тензии кои преминуваат во насилство. За да можат да се градат мостови на дијалог, да се истрае во борбата против раната корупција и барањето мирни решенија на споровите за напредок и консолидација на демократските институции, со целосно почитување на владеењето на правото.

Добар Пастире помогни ѝ на милата украинска земја погодена од крвав конфликт да пронајде слога и да ги следи иницијативите насочени кон ублажувањето на трагедијата на оние кои страдаат.

Воскреснатиот Господ Кој никогаш не престанува да го полни европскиот континент со својот благослов, нека даде надеж на сите кои поминуваат момент на криза и тешкотии, пред сè заради недостаток на работа, посебно за младите.

Драги браќа и сестри, оваа година како христијани од сите деноминации го славиме заедно Велигден. Затоа нека во секој дел на земјата одекнува еден глас на најубавото навестување: Господ навистина воскресна, како што рече! Тој Кој ја победи темнината на гревот и смртта, нека подари мир во нашите денови.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот