Во Скопје прославен празникот на Пресвето Тело и Крв Христова

Во Скопје прославен празникот на Пресвето Тело и Крв Христова

На 16 јуни 2022 година со свечена процесија и света Литургија во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, која ја предводеше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, беше прославен празникот на Пресветото Тело и Крв Христова.

Во својата хомилија, меѓу другото бискупот Стојанов подвлече, дека не смееме да ја заобиколиме суштината – Исус Христос, бидејќи без Евхаристијата нема живот за христијаните. „Знаеме дека светата Литургија и евхаристиската жртва е таа истата жртва која се случила на Голгота, а сега постојано се случува на нашите олтари под видот на леб и вино, а ни се дарува како воскресно Тело и Крв – самиот Господ Исус. Не знам дали сте забележале дека свештеникот кога ја подготвува чашата во неа налева вино и додава некоја капка вода. Многупати сум се запрашал која е мојата улога во жртвата Исусова на светата Евхаристија. Сиот радосен открив дека таа капка вода која се влева во чашата всушност сум јас, ние, и за време на претворбата станувам Негова Крв. Се причестуваме со тоа Тело и таа Крв и така всушност се причестуваме едни со други. Затоа оваа светата Тајна е најголем знак на единството помеѓу Бога и човекот, бидејќи Христос во секоја света Причест нè претвора во себе. Да не се плашиме од едноставноста на капката вода, бидејќи на тој начин и ние стануваме мила жртва на Бога, учествуваме со сите свои молитви, страданија, тешкотии во чашата на Неговата крв“ – нагласи бискупот Стојанов.

Овој празник бискупот Стојанов го честиташе и на Заедницата на сестри Евхаристинки, воедно и благодарејќи за нивното пожртвувано служење на Црквата и на верниот народ.

По светата Причест следеше и свечена процесија околу катедралата со Пресветата Причест, која ја предводеше бискупот Стојанов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот