Христијанството е понуда на Божјата љубов кон човештвото преку Исус Христос

Христијанството е понуда на Божјата љубов кон човештвото преку Исус Христос

Христијанството е повеќе од збир на прописи и морални норми; тоа е пред сè понуда на Божјата љубов на човештвото преку Исус Христос – истакна папата Фрањо во пладневниот наговор на 8 октомври 2017 година, на плоштадот Свети Петар.

Светиот Отец во своето размислувње се фокусираше на Евангелието на денот кое ја пренесува параболата за лозарите, на кои домаќинот им го доверил своето лозје, а потоа си заминал. Со тоа се искушува верноста на лозарите: на нив им е доверено лозјето за кое треба да се грижат додека сопственикот не одлучил да ги испрати своите слуги за да го приберат неговиот род, а тоа господарот и го направил.

Но, лозарите биле посесивни – рече Папата – не се сметале само за управители, туку сопственици и одбиле да им го предадат родот на слугите. Ги злоупотребиле слугите, а некои ги убиле. Господарот е трпелив со нив и им испраќа други, уште повеќе од првите, но резултатот е ист. Конечно, одлучува да го испрати својот син, но лозарите, кои биле затвореници на своето посесивно однесување, го убиле и синот, мислејќи дека со тоа ќе го стекнат неговото наследство.

Ова парабола – продолжи Светиот Отец – на алегориски начин ги прикажува пророчките обвинувања во поглед на историјата на Израел. Тоа е приказна која се однесува и на нас: станува збор за сојузот кој Бог сакал да го склопи со човештвото, а нè повикува нас да бидеме дел од тој сојуз. Но, како и секоја друга љубовна приказна и приказната за сојузот има свои позитивни моменти, но е одбележана и со предавство и одбивање. За да се разбере на кој начин Бог Отецот реагира на отфрлањето, Евангелието го дава следното прашање: „А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари?“ (Мт 21, 40).

Последното прашање истакнува дека Божјото разочарување од злото однесување на луѓето не е последниот збор. И тоа е големата новост на христијанството: Бог Кој, иако разочаран од грешките и гревовите на своите деца, не противречи на своите зборови и не бара освета. Браќа и сестри, Бог не се осветува! Бог љуби, не се осветува, и чека на нас за да ни прости, за да нè прегрне – нагласи Папата.

По патот на „каменот кој го отфрлија ѕидарите“ – Христос е првиот камен кој ѕидарите го отфрлија – по патот на ситуацијата на слабост и грев, Бог продолжува да става во оптек „ново вино“ во своето лозје, односно милосрдието. Постои само една пречка на Божјата упорна и нежна волја – предупреди Светиот Отец: Нашата ароганција и дрскост кои понекогаш стануваат насилство. Соочено со таквите ставови Словото Божјо ја задржува целата своја моќ на прекор и предупредување: „Затоа ви велам дека царството Божјо ќе се земе од вас и ќе се даде на народ, што ги принесува неговите плодови.“ (Мт 21, 43)

Повикани сме итно да одговориме на плодовите на Господовиот повик – нагласи папата Фрањо – и тоа ни помага да сфатиме што е тоа ново и изворно во христијанската вера. Христијанството не е само збир на прописи и морални норми, туку тоа пред сè е понуда на Божјата љубов кон човештвото преку Исус Христос. Станува збор за повик да стапиме во таа приказна на љубовта, станувајќи живи и отворени за лозјето кое е богато со плодови и надеж за сите.

Затвореното лозје може да стане диво и да донесува диво грозје – предупреди Папата и заклучи: Така сме повикани да излеземе од лозјето за да се ставиме во служба на браќата и сестрите кои не се со нас, за меѓусебно да се поттикнуваме и потсетуваме дека во секое опкружување треба да бидеме Господовото лозје, па и во оние кои се оддалечени и негостољубиви.

РВ/к.мк

Таг: Ангел Господов

Клучни зборови

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот